Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави катехеза подготвена за Генералната аудиенција која Папата требаше да ја одржи во среда, 19 февруари 2025 година, во салата Павле VI, но која беше откажана поради неговата хоспитализација во поликлиниката „Гемели“. Во текстот, замислен како дел од серијата јубилејни катехези посветени на „Исус Христос, нашата надеж“, Папата размислува за „мудреците“ кои дојдоа од Исток да му се поклонат на Божјиот Син, „луѓе кои знаат да гледаат подалеку од себе, кои знаат да погледнат во висините“.
Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото, каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија (Матеј 2,9-11)
Размислувајќи за овој дел од Евангелието по Матеј кој зборува за посетата на мудреците, Папата најнапред потсети дека во претходната катехеза зборувал за пастирите од Витлеем, маргинализирани во еврејското општество затоа што се сметале за „нечисти“. Меѓутоа, денес се среќаваме со странци кои веднаш доаѓаат да му се поклонат на Синот Божји. Значи, Евангелијата јасно ни кажуваат дека сиромашните и странците се меѓу првите повикани да се сретнат со Бога, кој стана Дете, Спасител на светот.
Мудреците се сметале за претставници на исконските раси, кои потекнуваат од тројцата синови на Ное; потоа трите континенти познати во антиката: Азија, Африка и Европа; и трите периоди од животот на човекот: младост, зрелост и старост. Без разлика на какво било можно толкување, тоа се луѓе кои не стојат во место, туку чувствуваат поттик да се движат, да појдат на пат. Тие се луѓе кои знаат да гледаат подалеку од себе, знаат да гледаат во висините.
Привлечноста на ѕвездата која се појави на небото ги насочува на патување кон земјата Јудејска, сè до Ерусалим, каде што го среќаваат царот Ирод. Нивната наивност и доверба во барањето информации за новородениот јудејски цар се судри со итрината на Ирод кој, вознемирен од стравот да не го загуби својот престол, веднаш се обидува да стекне јасен увид, контактирајќи ги книжниците и барајќи од нив да истражат.
Моќта на земниот владетел на тој начин ја покажува сета своја слабост – забележува Папата. Експертите го познаваат Светото Писмо и го информираат царот за местото каде што, според пророштвото на Михеј, ќе се роди водачот и пастирот на Израелскиот народ (Михеј 5,1): во малиот Витлеем, а не во големиот Ерусалим!
Но, книжниците, кои точно знаат каде е роден Месијата, им го покажуваат патот на другите, но тие самите не се помрднуваат! Не е доволно даги познаваме пророчките текстови за да се усогласиме со божествените фреквенции; Мораме да дозволиме Божјото слово да проникне во нашето најдлабоко битие и да ја оживее желбата за барање, да ја разгори желбата да го видиме Бога.
Ирод тогаш тајно, како што прават измамниците и насилниците, ги прашува мудреците кога точно се појавила ѕвездата и ги поттикнува да го продолжат своето патување, а потоа да се вратат и да му кажат, за и тој да оди да му се поклони на новороденото дете. За оние кои се приврзани за моќта, Исус не е надеж која треба да се прегрне, туку закана која треба да се елиминира! – истакнува папата Фрањо.
Кога мудреците повторно тргнале на пат, се појавува ѕвезда и ги води до Исус. Погледот на ѕвездата кај овие луѓе буди незадржлива радост, зашто што Светиот Дух го придвижува секое срце кое искрено го бара Бога. Влегувајќи во куќата, мудреците паѓаат, му се поклонуваат на Исус и му принесуваат скапоцени дарови, достојни за цар, достојни за Бога. Гледаат мало дете; но се поклонуваат на Бога. Така, мудреците стануваат првите верници меѓу сите незнабошци, слика на Црквата собрана од сите јазици и народи – истакна Папата и на крајот од катехезата охрабрува сите да се впуштиме во училиштето на мудреците, оние „ходочесници на надежта“ кои со голема храброст ги упатија своите чекори, нивните срца и нивните добра на сите луѓе, но не само на Оној кој е надежта на целиот Израел. Да научиме да се поклонуваме на Бога во неговата маленкост, во неговото царско достоинство кое не нè крши, туку нè прави слободни и способни да служиме достоинствено. И да му ги понудиме најубавите дарови за да ја изразиме нашата вера и нашата љубов.
Ватикан њуз/к.мк