Папата Фрањо и Црквата во Македонија

Папата Фрањо и Црквата во Македонија

Пишува: отец Гоце Костов

Во ова воскресно време на радост и надеж, но и кога папата Фрањо замина во домот на  својот Отец, со вас сакам да споделам некои мисли посветени на поврзаноста на папата Фрањо со Црквата во Македонија.

Од почетокот на својот понтификат во 2013 година, папата Фрањо покажуваше големо внимание и чувствителност кон малите, маргинализираните и народите кои живеат на “периферијата“ на Европа. Македонија, која на Европа и Црквата и ги даде светите браќа Кирил и Методиј и света Мајка Тереза, со своето богато духовно наследство, но и скромно католичко присуство, се најде во срцето на овој понтификат.

Секако дека неговата посета на Македонија на 7 мај 2019 година ќе остане, како што вели епископот Стојанов во неговиот допис по повод упокојувањето на папата Фрањо, во нашите сеќавања и запишана во историјата на Република Македонија. За време на неговата апостолска посета на нашата сакана Македонија, Папата ја предводеше света Литургија на плоштадот „Македонија“, се помоли во Спомен-куќата Мајка Тереза и се сретна со верските поглавари во Македонија, оствари средби со сиромашните, младите и свештениците и лицата посветени на Бога, како и со претставниците на државните власти, цивилното општество и дипломатски кор. Желба на папата Фрањо беше да го посети родниот град на света Мајка Тереза, да се запознае лично со верскиот и културниот контекст на градот Скопје од каде што Мајка Тереза почна да ги гледа луѓето во потреба, сиромашните и малите, (сп. Молитва на папата Фрањо во Спомен куќата Мајка Тереза) едноставно сакаше да види каде светицата од Скопје растеше во милосрдната љубов.

Првпат во историјата, еден Папа стапна на македонска почва. И таа посета не беше само дипломатска или верска посета, туку со себе носеше порака дека и малите заедници не се заборавени. Тоа беше јасна порака „да не се плаши малото стадо“ затоа што е во срцето на неговиот понтификат, но и на Црквата. Уште би и додал дека тоа не беше важен настан само за католичката заедница во Македонија, туку и за целата земја. Во таа прилика епископот Стојанов во знак на благодарност до Светиот Отец ќе каже: „Свети Оче, денес, додека нашата Црква овде во Македонија му благодари на Бога за овој неповторлив ден и настан што Бог ни го дарува, упатувам зборови на благодарност до Вас, Ваша Светост, што во своите апостолски патувања ја сврстивте и малата католичка заедница која живее во дијаспора, а која во себе обединува две древни литургиски традиции: римска и византиска. При оваа пригода изразувам благодарност до Бога и до Вас за воспоставувањето на новата Епархија.“ Имено папата Фрањо во декември 2018 година Апостолскиот егзархат во Македонија го издигна во Струмичко-скопска епархија. Светиот Отец ги благослови камен темелниците за светилиштето Света Мајка Тереза во Скопје и светилиштето Мајка Божја Утешителка – Паљурска.

Кога Македонија страдаше, дали поради поплавите во 2016 година или неодамнешната трагедија во Кочани, папата Фрањо знаеше да сочувствува и преку телеграми изрази сочувство со настраданите и молитвена близина.

Секоја година, како и неговите претходници, папата Фрањо со радост ја примаше македонската делегација за Деновите на свети Кирил во Рим, поттикнувајќи го единството на христијаните, како и дијалогот меѓу исток и запад.

Никако не смееме да ја заборавиме прес конференцијата на летот од Скопје до Рим, по тридневната апостолска посета на Бугарија и Македонија. Запрашан за неговите најсилни впечатоци од двата народи, македонскиот и бугарскиот, кои ги посети, папата Фрањо рече „Тие се два сосема различни народи.“

Бугарија, објасни тој, е народ со вековни традиции; додека Македонија има вековна традиција, но не како земја, туку како народ. Независноста на земјата е не многу одамна, но папата Фрањо ја пофали „добрата борба“ за таа цел. Македонија е симбол на тоа како христијанството влезе на запад преку апостол Павле кој сакаше да оди во Азија, но беше повикан во Македонија. Македонскиот народ се гордее со ова и никогаш не ја пропушта можноста да каже дека христијанството влегува во Европа преку нас, низ нашата врата, затоа што Павле бил повикан од Македонец– рече во таа прилика Светиот Отец.

Благодариме свети Оче за се она што го направивте за Македонија и Црквата. Постојано бараше да молиме за тебе. Ќе продолжиме да го правиме тоа со желба ангелите да те одведат во рајот и таму да те пречекаат сите светци и мачениците!

Ватикан њуз

Категорија: Колумни

За авторот