Правењето Витлеемски пештери длабоко е втемелено во традицијата на Црквата

Во пресрет на празникот Рождество Христово во црквите и домовите на христијанските семејства во божиќното време се прават Витлеемски пештери, визуелна претстава за големиот настан во човечката историја, Рождеството на Господ Исус Христос. Ова има своја длабока вкоренетост во христијанската традиција. Текстот кој следува ќе се обиде накратко да објасни како визуелното претставување на Божиќниот настан навлегува во традицијата на црквата.

Не постојат податоци за почетоците на првата Витлеемска пештера, иако се препишува на Свети Фрањо (1182-1226), сепак од малку познати податоци се знае дека се јавува многу порано, уште во Првата црква. Веќе во првите векови верниците го цртале настанот на Христовото Рождество во каткаомбите. Иако во светото Евангелие поврзано за Рождеството Христово директно не се зборува за престој во штала или пештера, сепак врз основа на податоците дека за нив немало место во конаците, христијанската традиција развива објаснување за раѓањето на Исус Христос во штала или пештера, каде за топлина се грижеле животните: вол и магаре. Таа претстава многу често е насликана на иконата на Рождеството Христово. Со тоа сака да се покаже дека Исус, роден како човек меѓу луѓето, не доаѓа од привилигирани и од богати слоеви, туку од народот, од едно обично еврејско семејство.

Постои традиција која опишува одредени „претходници“ на денешните божиќни пештери. Веќе во вториот век постои почитување на пешетрата на Рождеството во Витлеем, врз која, света Елена мајката на цар Константин, во четвртиот век гради црква, а по некое време се насликани фрески со сцени од пештера и раѓањето на Исус, традиција која на некој начин преку пештерата или шталата се одржува до денес. Од оваа пештера еден дел е пренесен во базиликата Света Богородица Велика во Рим (Santa Maria Maggiore), каде што бил поставен за почитување. Потоа во истата црква е донесено мало дрвено корито и најверојатно тука е направена првата наједноставна пештера, која секако ни одмалку не е близу на пештерите од денес.

Претставување на Божиќниот настан преку пештера или штала во историјата на христијанството всушност е желба да се почувствува со човечки чувства овоплотувањето како најголем настан во историјата на спасението. Правењето на пештери или штали, всушност е вовед во литургискиот живот кој следува во божиќното време, но и своевидна подготовка на верниците за престојниот празник.

Ваквото прикажување за божиќниот настан, може да ни помогне секој од нас да се пренесе во божиќната тајна, нејзината историска втемеленост, но и за нас честопати неопишливата вистина дека Бог се објавува на човекот преку човек, преку дете.

Ако го отфрлиме ментaлитетот на конзумизам кој се претставува како славење на Божиќ, што во ова време е посебно тешко, визуелната претстава на Рождеството Христово нé повикува да не дозволиме да го славиме Божиќ без Бог. Христос нé повикува од пештерата да направиме топол дом за него во нашите домови и нашите срца за да расте во нас верата во животот вечен и нашето лично спасение.

о. Гоце Костов

Категорија: Колумни

За авторот