Папата Фрањо и Источните Цркви

Оваа недела е Велигден, но Велигден за христијанските Источни Цркви кои се раководат по јулијанскиот календар, а не по грегоријанскиот како што е случај со Западната Црква.

За Источните Цркви кои се во единство со Рим, а ги има преку дваесетина ова е прва велигденска прослава со новиот папа Фрањо. Како што вели поглаварот на Украинската источно – католичка Црква, архиепископот Светослав Шевчук Папата ја познава многу добро духовноста на Црквите од византиски обред.

Додека Хорхе Марио Бергољо беше архиепископ во Буенос Аирес, Светослав Шевчук беше долги години епископ на Украинците во истиот град. Во разговор со американската новинска агенција CNS неговото Високо Преосвештенство Шевчук го изјави следново:

„Папата Фрањо е папа на екуменизмот. Тоа значи конкретно: тој посакува со сите Источни Цркви да изгради едно автентично и длабоко пријателство. Ова важи посебно за односот со нашите православни собраќа. Тој отсекогаш беше близок со Источните Цркви. Нему автентичноста му е важна.“

Западната Црква со грегоријанскиот календар, а Источните Цркви со јулијанскиот календар: често пати Велигден за обете Цркви не се поклопува на ист датум. „Ова на Запад за верниците од источен обред не е секогаш лесна работа, додава архиепископот Шевчук“. Тој самиот тоа го искусуваше додека беше архиепископ за Украинската источно – католичка Црква во Аргентина. Покрај организациските проблеми кои ги имаше на празниците имаше и многу други проблеми односно предизвици.

„ Не беше едноставно за мене кога дојдов во оваа нова средина. Барав некого кој можеше да ми помогне. Ми беше потребно некој да ме води. Бев многу среќен кога архиепископот на Буенос Аирес ми стана потпора. Најдов човек кој беше многу скромен и секогаш подготвен за разговор. Кога ми требаше помош можев секогаш да сметам на него.“

Архиепископот Шевчук вели понатаму дека многу христијани на Запад, дали католици или протестанти немаат доволно познавање за Источните Цркви или ако го имаат тоа најчесто е површинско познавање.

„Меѓусебно се познаваме многу малку. Католиците најчесто многу малку знаат за православните и обратно православните малку знаат за католиците. Впрочем мисијата на Црквите кои се во единство со Рим е да предизвика поголемо меѓусебно запознавање. Ние секако ќе го подржиме Светиот Отец во овој поглед. Ова е посебна задача едното тело Христово да се обликува и да се зајакнува, односно да има една Црква со еден пастир.“

Пред да биде архиепископот Шевчук повикан во Аргентина, кардиналот Бергољо беше лично одговорен за Украинската Источно – католичка Црква во Аргентина. За ментор Бергољо го имаше украинскиот свештеномонах, подоцна источно – католички епископ Стефан Чмил (1914-1978). Имено, Бергољо во Буенос Аирес служеше заедно со Чмил литургии од византиски обред.

Категорија: Свет

За авторот

Write a Comment

<