Папата Фрањо: Затвoрањето на синодата е враќање на заедничкото чекорење
Пред сѐ, би сакал да му се заблагодарам на Господ кој сите овие години го водеше нашето заедничко чекорење со својот Свет Дух, кој својата Црква никогаш не ја оставил без својата помош. Папата потоа се заблагодари и на генералниот секретар како и на подсекретарот на синодата; на релаторот, на специјалниот секретар, на делегатите и раководителите како и на сите оние кои сиот овој период неуморно работеа за Црквата, како и за комисијата која го изготви завршниот документ. Некои од нив заради тоа – истакна папата Фрањо – бдееја цели ноќи.
Папата рече дека за време на работата на Синодата често се прашувал: „Што ќе значи за Црквата завршувањето на работата на Синодата?“. Тој е свесен дека со ова не се затворени сите теми кои се однесуваат на семејството, но барем се осветлени со светлината на евангелието, преданието и двеилјадогодишната историја на Црквата, импресионирајќи во него радост на надежта и без никакво повторување на она за што не треба да се дискутира ниту пак за она што е веќе речено.
Светиот Отец исто така е свесен дека завршувањето на Синодата не значи дека се пронајдени сеопфатните решенија за сите потешкотии и проблеми кои им се закануваат на семејствата, но дека тие истите се видени во светлината на верата; внимателно се испитани и соучесниците се соочиле со нив без никаков страв или ‘со ставање глава во песок’ (со непризнавање на истите).
На сите сега им е полесно да ја разберат важноста на институцијата семејство и брак помеѓу машко и женско, основани на „единство’ и ‘неразрешивост’, и дека како таква се цени како темел на општеството и човечкиот живот. Се слушнаа и се слушаа гласовите на семејствата и гласовите на пастирите на црквата кои на своите грбови го донесоа теретот, но и надежта; збогатување и проблемите на семејствата од сите краеви на светот.
Со затварањето на Синодата е потврдено дека Католичката Црква е жива и не се плаши да ја протресе заспаната совест, ниту пак од живото или слободното дебатирање за семејствата. Се обидувавме да ја прочитаме реалноста и денешната реалност со Божјите очи со цел да би ги осветлиле срцата на луѓето со пламенот на верата, во историскиот момент на обесхрабрувањето, на општествената, економската и моралната криза како и за време на превласта на негативното.
На сите им посведочивме дека за Црквата Евангелието останува жив извор на вечните новости, спротивно од оние кои би сакале ‘да го скаменат’ (‘да го индоктринират’) во мртов камен за каменување на другите. Откриени се и ‘затворени срца’ кои често се сокриваат зад црковното учење или зад добрите намери, со цел да да го заземат Мојсиевиот стол и да ги судат – понекогаш супериорно и површно – тешките случаи и повредените семејства – рече Папата.
Завршувањето на Синодата укажува на тоа дека Црквата е Црква на сиромашните по дух и на грешниците кои се во потрага за опростување; Црквата не е само на праведните и светите, туку исто така на праведните и светите, кога се чувствуваат сиромашни и грешници. Отворени се хоризонтите за надминување на секоја ‘конспиративна херменевтика’ и ‘затворени аспекти’, заради одбрана и втемелување на слободата на децата Божји; заради пренесувањето на убавината на христијанската вест, понекогаш прекриена со ‘рѓа од јазичните архаизми или од едноставната неразбирливост.
За време на Синодата, можеше слободно да се изразуваат различни мислења – понекогаш на начин кој не е целосно безопасен – што секако го збогати и обнови дијалогот, нудејќи така жива слика на Црквата која не служи како претходно подготвени модели,, туку црпи од неисцрпениот извор на својата вера, жива вода со цел да ги напои скаменетите срца.
Видовме – продолжи Папата – дека фактите, и покрај догматските прашања одредени од научителството на Црквата, кои за некој бискуп изгледаат нормални, за некој друг бискуп кој доаѓа од друг континент може да изгледат речиси како соблазни. Тоа што се смета за кршење на правата во едно општество, може да биде очигледно и неспорно правило за некое друго општество; тоа што за некои значи слобода на совеста, за други може да биде збунувачко. Културите меѓусебно се многу различни и секој принцип – како што реков, догматските прашања втемелени од црковното научителство– потребно е да се инкултурира, доколку сакаме да го применуваме.
Инкултутрацијата не ја ослабнува вистинската вредност, туку ја покажува нивната вистинска сила и верородостојност, бидејќи се прилагодува (на културата) без да ја промени, туку мирно и постепено трансформирајќи различни култури. Видовме дека со богатството на нашата различност предизвикот секогаш останува ист: навестувањето на Евангелието на денешниот човек, бранејќи го семејството од сите идеолошки и индивидуалистички напади. Без да се падне во релативизмот или пак во демонизацијата на другите, настојувавме целосно и храбро да ја прифатиме Божјата добрина и милост, кои ја надминуваат нашата човечка промисленост и не сака друго освен сите луѓе да се спасат (1 Тим 2,4), со цел оваа синода да ја вброиме и да ја живееме во контекст на вонредната Година на милосрдието, која Црквата е повикана да ја живее.
Подобро сфативме дека вистинските бранители на науката не се оние кои го бранаат ‘зборот’ туку ‘духот’; тие кои не ги бранаат идеите, туку човекот; не ги бранаат формулите, туку бесплатната Божја љубов и простување. Тоа никако не значи дека се намалува важноста на формулата, кои инаку е потребна; ниту ја намалува важноста на законите и Божјите заповеди, туку ја зголемува големината на вистинскиот Бог кој кон нас не се однесува согласно на нашите заслуги ниту според нашите дела; туку единствено во согласност со неограничената великодишност на своето милосрдие (сп. Рим 3,21-30; Пс 129; Лк 11,37-54).
Искуството на Синодата значи да се надмине постојаното искушение на ‘постариот брат’ (сп. Лк 12,25-32) и ‘завидливите работници’ (сп. Мт 20,1-16) а уште повеќе да им се даде поголема вредност на законите и заповедите создадени за и заради човекот (а не обратно; сп. Мк 2,27). Во таа смисла покајанието, човечките дела и напори добиваат подлабого значење – не како цена за спасение, која Христос бесплатно ја платил на крстот, туку како одговор на Оној кој ‘прв нѐ засака’ и нѐ спаси по цена на својата невина крв, ‘додека уште бевме грешници’ (сп. Рим 5,6).
Прва должност на Црквата не е да осудува или да анатемизира, туку да го навестува Божјето милосрдие; да повикува на преобраќање и сите луѓе да ги доведе до Господовото спасение (сп. Ив 12,44-50). Светиот Отец исто така го цитираше блажениот Павле VI, кој – зборувајќи за Божјата добрина – заклучи дека ‘нашето покајание станува Божја радост’. Свети Иван Павле II знаеше да каже дека Црквата живее ‘автентичен живот кога го исповедува и го навестува милосрдието особено кога настојува луѓето да се приближат на изворите на милосрдието на Спасителот, за кои Таа (Црквата) е нивна чуварка и делителка.
Исто така Светиот Отец ги цитираше зборовите и на почесниот папа Бенедикт XVI дека ‘милосрдието вушност е централното јадро на евангелската порака и на самото Божјо име’; и дека ‘сето тоа што Црквата го зборува и го прави, го покажува милосрдието кое Бог го чува за човекот’. ‘И кога Црквата треба да предупреди за некоја вистина која не е живеена или за предавство на некое добро, тогаш тоа го стимулира со милосрдна љубов, со цел луѓето да имаат живот и да го имаат во изобилие’ (сп. Ив 10,10).
Во овој контекст и заблагодарувајќи се на оваа време на милоста кое Црквата го живее, зборувајќи и дискутирајќи за семејството, меѓусебно се чувствуваме збогатени. Многумина од нас го почувствуваа дејството на Светиот Дух, кој е вистински протагонист и вршител на Синодата. За ниеден од нас, зборот „семејство“ повеќе не значи истото тоа што значеше и пред Синодата. Всушност, во него веќе ја гледаме синтезата на нејзиниот повик, како и значењето на целиот синодален пат – рече Папата.
Всушност, за Црквата, ‘да се затвори Синодата’ значи да се вратиме на вистинското ‘заедничко чекорење’ со цел во целиот свет, во секоја бискупија, заедница и ситуација, да го доведеме светлото на Евангелието, прегратката на црквата, како и поддршката на Божјото милосрдие! На крајот Папата дозволи, како и претходната година, да се објави завршниот документ – Relatio finalis.
РВ/З.А.