Папата Фрањо до членовите на братствата: Бидете мисионери на нежната љубов Божја

Ватикан, 5.5.2013 /к.мк/ – Папата Фрањо во недела 5 мај, на плоштадот Свети Петар во Ватикан славеше света Литургија со членовите на верските братства и здруженија. На Литургијата по повод денот на братствата, народните побожности и покрај силниот дожд, се собраа повеќе илјади членови на братства, побожни и каритативни здруженија од Италија и разни делови од светот. Бевте храбри кога дојдовте на овој дожд. Нека Господ ве благослови, порача Папата на собраните верници.

Во својата проповед Папата истакна дека братствата мора да ги карактеризираат три нешта: евангелска автентичност, црковност и мисионерска работа. Народните побожности, за чиј успех сте важни, е богатство на Црквата која епископите од Јужна Америка, симболично, ја нарекуваат духовност, мистицизам, кој е простор за средба со Исус Христос. Секогаш напојувајте се од Христос, непресушниот извор, јакнете ја својата вера, негувајќи духовен раст, лична и заедничка молитва, литургија. Одлучно чекорете кон светост. Не задоволувајте се со просечен христијански живот, туку вашата припадност нека биде поттик, пред се за вас, на уште поголема љубов кон Исус Христос, ги повика Папата собраните членови на верските братства и здруженија.

Вие имате посебно и важно послание, да го одржувате жив односот помеѓу верата и културата на која и припаѓате, а тоа го правите со народните побожности; на пример кога во процесија го носите Распнатиот, тоа не е само надворешен знак, туку сведочите за сржта на Господовото пасхално таинство, на себе и на заедницата сведочите дека во вистинскиот живот треба да се следи Христос за да не преобрази. Исто така кога сведочите за некоја побожност кон Блажена Дева, вие упатувате на највозвишеното остварување во христијанскиот живот, на Таа која со својата вера и својата послушност кон волјата Божја, како и со своето размислување за Божјото Слово и делата Христови, стана совршена Господова ученичка, рече Светиот Отец.

Вие, продолжи Папата, на разни начини во поедини култури ја сведочите верата која се раѓа од слушање на Словото Божјо. Така помагате верата да се пренесува на народот, посебно на едноставните, оние кои евангелието ги нарекува ‘мали’. Навистина заедничкото посетување на светилишта, како и другите народни побожности, водејќи со себе деца и други лица, само по себе е навестување на радосната вест. Бидете навестители. Вашите потфати нека бидат мостови, патишта кон Христос, со него да се оди. Во тој дух секогаш бидете внимателни на делотворната љубов. Секој христијанин и секоја заедница е мисионерска доколку навестува и го живее евангелието и ако на сите им ја сведочи љубовта Божја, посебно кон оние кои се наоѓаат во тешкотии. Бидете мисионери на нежната љубов Божја, поттикна, Светиот Отец.

После светата Литургија Папата помина низ насобраните верници на плоштадот Свети Петар, а посебно топло ги поздрави болните.

Во говорот пред молитвата Царица Небесна, Папата истакна дека љубовта кон Господ е една од карактеристиките на народните побожности, која бара да биде валоризирана и правилно упатена. Заради тоа ве повикувам да размислувате за последното поглавје од конституцијата од Вториот Ватикански собор „Светло на народите“ (Lumen gentium) во која се зборува токму за Марија и за таинството на Христос и Црквата. Таму се вели дека „Марија напредувала на патот кон верата”. Драги пријатели, во Годината на верата ви ја оставам таа слика на Марија патник, која го следи Христос и ни претходи на сите наес на патот кон верата.

Папата исто така, потсети на тоа дека Источните цркви кои го користат јулијанскиот календар денес го слават Воскресението Христово. Сакам на сите тие браќа и сестри да испратам посебен поздрав, обединувајќи се од се срце со нив во разгласување на радосната вест – Христос воскресе! Собрани во молитва за Марија, да побараме од Бог дар од Светиот Дух, Утешител, да ги утеши сите христијани, посебно оние кои слават Велигден во време на искушенија и страдања, и да ги доведе на патот на помирување и мир, порача Папата.

Поздравувајќи ги сите собрани, упати посебен поздрав до членовите на здружението „Метер“ за Денот на децата жртви на насилство. Ова ми дава можност да потсетам на оние кои трпеле и трпат насилство. Сакам да истакнам дека ги спомнувам во своите молитви, но сакам, исто така, да кажам дека сите мораме храбро и одлучно да се заземеме за секое човечко битие, а посебно да се бранат и заштитат децата, кои се во најранливата група.

Б.У

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<