Папата Фрањо: Да бидеме сведоци е дар на Божјото пријателство

Папата Фрањо ја предводеше молитвата Ангел Господов, во неделата на 8 март од библиотеката во Апостолската палата и на тој начин се придружуваше до превентивните одредби со оглед на епидемијата од корона вирусот.

Неделната пладневна молитва беше пренесувана преку електронските медиуми, а во центарот на говорот на Папата беше изборот на љубовта со која Исус нè повикува да му бидеме близу. Но, Светиот Отец сепак на крајот од молитвата на кратко се појави на прозорецот од Апостолската палата, над плоштадот Свети Петар, за да ги поздрави присутните.

Денешната пладневна молитва со Папата, кој се наоѓа затворен во библиотеката, малку е необична, но ве гледам и сум ви блиску – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов, која беше пренесувана по пат на електронските медиуми од библиотеката на Апостолската палата и истакна: Би сакал да започнам заблагодарувајќи се на групата која се бори за заборавените во Идлиб во Сирија. Ви благодарам за ова што го правите! Денес молиме на ваков начин за да ги извршиме превентивните одредби и да ја избегнеме гужвата која би можела да биде погодна за пренесувањето на вирусот.

Евангелието за денешната Втора недела од Великиот пост ни го прикажува настанот на Исусовото преображение (Мт 17, 1-9) – рече Папата и истакна: Исус со себе ги земал Петар, Јаков и Иван и се искачил на висока гора која ја симболизира Божјата близина, за да им помогне подобро да го сфатат таинството на Неговата личност кој ќе мора да страда, да умре и потоа да воскресне. Имено Исус започнал да им зборува за страдањето, за смртта и за воскресението кои го чекале, но не можеле да ја прифатат таа перспектива. Заради тоа Исус, кога пристигнале на врвот на гората се потопил во молитва и се преобразил пред нив: „И лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина.“

Тројцата ученици со прекрасниот настан на преображение се повикани да го препознаат во Исус Синот Божји Кој блеска во славата – рече Светиот Отец и истакна: Така напредувале во познавањето на својот Учител, сфаќајќи дека човечката димензија не ја изразува целата Негова реалност; за нивните очи е откриена Исусовата надземска и божествена димензија. И одозгора се слушнал гласот кој кажал: „Овој е Мојот Возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ Тоа бил Отецот небесен кој го потврдил Исусовото поставување на положбата која веќе ја примил на денот на крштението на Јордан и кој ги повикал учениците да Го слушат и да Го следат.

Треба да се истакне дека Исус среде групата од дванаесет ученици, избрал со себе да ги поведе на гората Петар, Јаков и Иван – рече папата Фрањо и продолжи: На нив им ја дава привилегијата да сведочат за преображението. Па сепак Петар во моментот на искушение ќе го негира; а двајцата браќа Јаков и Иван ќе ги бараат првите места во Неговото царство. Меѓутоа Исус не избира во согласност со нашите критериуми, туку во согласност со својот план на љубов. Се работи за бесплатен и безусловен избор, слободен потфат, божествено пријателство кое не бара ништо за возврат.

И како што ги повикал тие тројца ученици, така некои и денес ги повикува да бидат блиску за да можат да сведочат – рече Папата и додаде: Да бидеш сведок, е дар кој не сме го заслужиле; се чувствуваме несоодветни, но не можеме да се повлечеме назад со изговор дека сме неспособни. Не сме биле на гората на Тавор, со свои очи не сме го виделе Исусовото лице како блеска како сонце. Сепак и на нас ни е дадено Словото на спасението и верата, и во различни облици сме ја искусиле радоста на средбата со Исус. И на нас Исус ни вели: „Станете и не бојте се!“

Во овој свет кој е обележан со себичност и алчност, Божјото светло е замрачено од секојдневните грижи. Често велиме: Немам време за молитва, не сум способен за извршување на служби во парохијата и да одговарам на барањата на другите… Но, не смееме да заборавиме дека преку Крштението и Миропомазанието кои сме го примиле сме станале сведоци, не преку нашата способност, туку преку дарот на Светиот Дух. Во ова пригодно време на Великиот пост, нека Дева Марија ни помогне да се здобиеме со послушноста на Светиот Дух која е неопходна за одлучно одење по патот на преобраќањето – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот