Новата институција, поврзана со Светиот Престол, вклучува институции за сместување „Domus Sanctae Marthae“, „Domus Romana Sacerdotalis“, „Domus Internationalis Paulus VI“ и „Casa San Benedetto“.
Папата Фрањо, со своерачен документ, го основа Domus Vaticanae, институција поврзана со Светиот Престол, основајќи ја како јавно канонско правно лице со седиште во државата Ватикан. Со оглед на новонастанатата ситуација која со текот на времето созреа – се вели во документот – ќе се спојат четири институции: Domus Sanctae Marthae, Domus Romana Sacerdotalis, Domus Internationalis Paulus VI и Casa San Benedetto, кои треба да се сметаат за укинати и чија сопственост ќе биде пренесена на Управата за имот на Апостолскиот Престол.
Новата институција – напоменува Папата – ќе продолжи со услугите за сместување на претходните институции, согласно со она што е утврденото во бр. 43 од Апостолската конституција Universi Dominici Gregis, а според која за време на конклавите за избор на Папата, зградата Domus Sanctae Marthae ќе биде резервирана исклучиво за потребите на кардиналите електори.
Првите три згради, Domus Sanctae Marthae, Domus Romana Sacerdotalis и Domus Internationalis Paulus VI , беа наменети да им овозможат гостопримство, во духот на свештеничкото братство, на свештениците кои работат во Римската Курија, кардиналите, бискупите, дипломатскиот персонал на Светиот Престол и свештениците, кои доаѓаат во Рим да се сретнат со Папата или пак учествуваат на настани во Ватикан. Casa San Benedetto е основан за да обезбеди соодветно сместување за пензионираниот персонал кој служел на Светиот Престол во Папските претставништва.
Domus Vaticanae ќе се раководи според приложениот Статут, кој истовремено е одобрен од Папата. Во однос на особеностите на работните односи на персоналот, кој ќе премине од четирите постоечки институции во новата, а кој ќе се спои со персоналот на Римската курија, Папата го овласти кардиналот Пиетро Паролино, државен секретар, да одобри Правилник за Domus Vaticanae.
Ватикан њуз/к.мк