По две години обележани со страдање и страв од пандемија, науката го најде првичниот лек; Папата верува дека епидемијата може да се победи. Во писмото до надбискупот Физикела, претседател на Папскиот совет за нова евангелизација, дикастеријата на која и е доверена организацијата на Светата година, ја изразува надежта дека следниот јубилеј ќе биде поволен за враќање на климата на надеж и доверба.
По повеќе од две години пандемија, сомнежи, неизвесност, страв од смртта и затворени парохии, училишта и канцеларии. На сите очајно ни е потребен знак на преродба. Папата Фрањо го насочува погледот и нѐ поканува да погледнеме со очи на надеж на јубилејот, кој Општата Црква ќе го прослави во 2025 година. „Поклоници на надежта“, е мотото за Светата година, која по страшната пандемија сака да поттикне клима на надеж и доверба – пишува папата Фрањо во пораката до надбискупот Рино Физикела, претседател на Папскиот совет за промовирање на нова евангелизација, дикастеријата на која и е доверена организацијата на настанот.
Јубилејот е дар на милоста
Во документот потпишан на 11 февруари 2022 година, на празникот Пресвета Богородица од Лурд, Папата потсети на почетоците на овој настан – како што напиша – кој е од големо духовно, црковно и општествено значење, почнувајќи од првата Света година објавена во 1300 година од Бонифациј VIII. до јубилејот на милосрдието во 2016 година. Низ вековите, овој настан Божјиот верен народ го доживува како дар на милоста, со ходочастие, простување и сведоштва за верата.
Големиот јубилеј во 2000 година ја воведе Црквата во третиот милениум од нејзината историја. Свети Иван Павле II долго очекуваше и посакуваше, со надеж дека сите христијани, надминувајќи ги историските поделби, ќе можат заедно да прослават две илјади години од раѓањето на Исус Христос, Спасителот на човештвото – рече Папата.
Две години болка
Целта на првите 25 години од XXI век сега веќе е близу и сме повикани да организираме подготовки што ќе му овозможат на христијанскиот народ да ја живее Светата година во сето нејзино пасторално богатство – рече тој, осврнувајќи се на денешните времиња, тешко ранети од пандемиската болест Ковид-19. Во последните две години нема земја која не беше потресена од ненадејна пандемија која освен тоа што направи со раце во осаменост да ја допреме драмата на смртта, како и неизвесноста и привременоста на постоењето, го промени нашиот начин на живот.
Како христијани, заедно со сите наши браќа и сестри, ги трпевме истите страдања и ограничувања – забележа Папата. Нашите цркви беа затворени, како и училиштата, фабриките, канцелариите, продавниците и местата за слободни активности. Сите видовме ограничувања на некои слободи, а пандемијата, покрај болката, понекогаш во нашите души предизвикуваше сомнеж, страв и изгубеност.
Постепено враќање во секојдневниот живот
Посочувајќи дека научниците многу брзо го пронајдоа првичниот лек кој ни овозможува постепено враќање на секојдневниот живот, Папата изрази целосна увереност дека епидемијата може да се надмине и дека светот повторно ќе го најде својот ритам на лични односи и општествен живот. За да се дојде полсено до целта – како што напиша – зависи од ефективната солидарност, да не се занемари најсиромашното население, туку со сите да се споделат научните откритија и потребните лекови.
Светло на надежта
Затоа Папата ги охрабри сите да го задржат запалено светлото на надежта и да направат сѐ што е можно секој повторно да се здобие со сила и самодовербата и во иднината да гледаат со отворен дух, срце полно со доверба и далекувиден ум. Следниот јубилеј во голема мера ќе го поддржи повторното воспоставување на клима на надеж и доверба, како знак на повторна преродба за кое сите чувствуваме очајна потреба.
Сепак, сето тоа ќе биде можно ако успееме да го вратиме чувството за универзално братство, ако не ги затвориме очите пред драмата на сиромаштвото што се шири и која спречува милиони мажи, жени, млади и деца да живеат на начин достоен за човекот – рече Папата и посебни мисли упати за бројните бегалци принудени да ја напуштат својата земја. Во ова време на подготовка за јубилејот треба да се слушне гласот на сиромашните –препорачува Папата во писмото упатено до надбискупот Физикела.
Убавината на созданието
Дополнително, попатно не треба да се занемари земјата – додаде Римскиот епископ. Односно, не смееме да заборавиме да размислуваме за убавината на целото создание и да се грижиме за нашиот заеднички дом, како што веќе прават многу млади и деца, кои препознаваат дека грижата за созданието е суштински израз на верата во Бога и послушност на неговата волја. Дикастеријата, која ја промовира новата евангелизација, нека најде соодветни облици Светата година да биде подготвена и прославена со силна вера, жива надеж и делотворна љубов и да биде важен период за пасторал во одредени Цркви, латински и источни, кои се повикани во овие години да ја зајакнат синодалната посветеност.
2024 година – година на молитва и благодарност кон Бога
Во исчекување на булата за прогласувањето на Светата година, која ќе биде објавено во догледно време, Папата рече дека се радува, што 2024 година, која претходи на јубилејниот настан, може да биде голема „симфонија на молитва“, во која можеме да му заблагодариме на Бога за неговите многубројни дарови, неговата љубов кон нас и да го славиме неговото создателно дело, кое ги обврзува сите на почитување и конкретно и одговорно дејствување заради зачувување. Молитвата исто така треба да се претвори во солидарност и делење на секојдневниот леб. Накратко, моќна молитвена година во која срцата се отвораат да примат изобилство на благодат, правејќи од „Оче наш“, молитвата на која нè научи Исус, да биде програма за животот.
Ватикан њуз/к.мк