Перуанците не смеат да дозволат да им се одземе надежта

Перуанците не смеат да дозволат да им се одземе надежта

Во продолжение на апостолската посета на Перу, папата Фрањо утрото на 20 јануари замина од Лима и веднаш по пристигнувањето во Трухилјо отиде во блискиот историски град Хуанчако, сместен во близина на археолошките места на народот Инки, каде служеше света Литургија.

Во продолжение на апостолската посета на Перу, папата Фрањо утрото на 20 јануари 2018 година замина од Лима  и веднаш по пристигнувањето во Трухилјо, „градот на вечната пролет“ отиде во блискиот историски град Хуанчако, сместен во близина на археолошките места на народот Инки, каде служеше света Литургија.

Верата нè отвора за да имаме конкретна љубов која ги прави делата, испружената рака и сочувството – рече Папата во проповедта во која тамошниот народ го спореди со апостолите кои исто така секојдневниот леб го заработувале со рибарење. Ова „лагуна со златни риби“, како што ја нарекуваат била изворот на животот и благослов за голем број генерации, хранејќи ги нивните соништа и надежта – рече Папата и истакна: И вие како апостолите ја познавате силата на природата и сте ги искусиле нејзините удари. Како што тие се соочиле со бурата на езерото, така и вие сте морале да се соочите со тешките удари од „El Niña“, чии последици сè уште се видливи во голем број семејства – рече Папата.

Напоменувајќи дека таквите тешки настани често ја ставаат во сомнеж нашата вера, Светиот Отец ги поттикна верниците да се соединат со Исус. Тој ја познава болката и искушението; Он ги поминал сите болки за да може да нè придружува во нашите. Исус на крстот сака да биде близу во секоја болна ситуација за да ни пружи рака и да ни помогне да се подигнеме. Влезе во нашата историја, сакаше да учествува на нашиот пат и да ги допре нашите рани. Немаме Бог Кој е далеку од она што го чувствуваме и заради што трпиме; напротив среде болката ни ја дава својата рака – истакна папата Фрањо.

Светиот Отец потоа се осврна на прочитаниот дел од Евангелието според Матеј, за параболата за мудрите и неразумните девојки, и истакна дека во одреден момент секоја од нив покажала што го исполнува нејзиниот живот. Истото се случува и со нас – рече Папата. Во одредени ситуации сфаќаме со што сме го исполниле својот живот. Сфаќаме колку е важно да се исполни сопствениот живот со елеј кој ни овозможува да ги запалиме своите светилници во голем број моменти на темнина и да го пронајдеме патот за да одиме напред – истакна Папата.

Така во мрачниот момент кога се појавува El Niño, ова земја го имала елејот на солидарноста и великодушноста кој сите ги покренува. Вие бевте живи факели и сте го осветлиле патот со отворени и расположени раце за да ја ублажите болката – рече Светиот Отец и додаде дека душата на заедницата се мери според тоа како успеава да се соедини во соочувањето со тешките моменти како би ја одржале надежта жива.

Со таквото однесување – според збровите на Папата – го давате најголемото евангелско сведоштво: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.“ (Ив 13, 35) Бидејќи верата нè отвора за да имаме конкретна љубов која ги прави делата, испружените раце и сочувството; љубовта која знае да гради и да ја обновува надежта и тогаш кога сè изгледа загубено. На тој начин стануваме учесници во божественото делување – истакна Светиот Отец.

И други бури можат да го погодат животот на луѓето на овие простори, бури кои имаат уништувачки последици – рече Папата и истакна: Тие се викаат организирано насилство и небезбедноста која го создава; потоа недостатокот на можности за образование и работа, посебно меѓу младите, што ги спречува да ја градат својата иднина; недостатокот на сигурно сместување за голем број семејства; како и многу други ситуации кои – според зборовите на Папата – штетат на взаемната доверба која е неопходна за да се изгради мрежата на поддршката и надежта.

За соочувањето со таквите бури нема подобро решение од она од Евангелието, а се вика Исус Христос – истакна папата Фрањо и препорача: Исполнувајте го секогаш својот живот со Евангелието. Во Исус ја имаме силата на Духот да не го прифатиме како нормално она што ни наштетува, она што го скратува нашиот дух и уште полошо она што ни ја одзема надежта. Во Исус е Духот кој нè одржува обединети за взаемно да се поддржуаме и соочуваме со она што сака да ни го одземе она најдоброто од нашите семејства. Бог во Исус нè прави заедница на верници способни да се поддржуваат. (…) Со Исус душата на овој народ во Трухилјо ќе може и понатаму да се нарекува „град на вечната пролет“, затоа што со Него сè станува можност за надеж – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот