Папата Фрањо се помоли пред статуата на Безгрешната, при што се помоли за сите луѓе на земјата, стари и млади, како и за мир, посебно во Украина.
Папата Фрањо во четврток 8 декември 2022 година се упати на Шпанскиот плоштад во Рим за да се помоли на Пресвета Богородица, на празникот на Безгрешното зачнување, кој Црквата литургиски го слави на 8 декември.
Вообичаено е на празникот Светиот Отец да пристапи пред стауата на Безгрешното зачнување, иако во последните две години посетата беше приватна и многу рано наутро за да се почитуваат ограничувањата воведени поради пандемијата од Ковид – 19.
Традиционално, Папата положува букет бели рози во подножјето на статуата, молејќи за нејзино застапништво, да им помогне на сите луѓе во нивните маки и борби.
Молитви за мир, молитви за Украина
Оваа година Папата на посебен начин ги упати своите молитви за мир во светот, а посебно за мир во „маченичката“ Украина.
Молејќи се на Богородица, Папата потсети дека по две години се враќа кај неа и рече: „Ти ги пренесувам благодарноста и молитвите на сите твои деца, блиски и далечни“. Папата упати благодарност од младите, старите и семејствата, а се молеше за мир во Украина, дури и ја прекина молитвата кога пушти солзи при помислата на немирната земја. Упати и молитви на младите за иднината и на младите парови, кои бараат вдахновение во Блажена Дева Марија и Свети Јосиф.
Папата ја заврши својата молитва „гледајќи во неа, која е без грев“, со надеж дека можеме „да продолжиме да веруваме и да се надеваме дека љубовта може да ја победи омразата, дека вистината може да ја победи лагата, дека простувањето може да ги победи навредите, дека мирот може да ја победи војна!”
Молитва пред иконата Salus Populi Romani
Пред тоа, на пат кон статуата на Безгрешното зачнување, Светиот Отец во тишина се помоли пред иконата Salus Populi Romani во базиликата Света Марија Велика во Рим. Иконата на Пресвета Богородица нѐ потсетува како луѓето во Рим биле спасени од смртоносната чума.
Се верува дека иконата од Светата Земја ја донела Света Елена, мајка на царот Константин. За време на понтификатот на папата Свети Григориј Велики, во Рим се проширила чума, а Папата ја носел иконата во процесија низ градот, молејќи се да престане чумата. Кога чумата престанала, Папата на чудотворната икона свечено поставил златни круни и скапоцени камења на главите на Марија и Детето Исус.
Безгрешното зачнување
Празникот Безгрешното зачнување на Пресвета Богородица е „уникатна благодат и привилегија“. Имено „Пресвета Богородица во првиот момент од нејзиното зачнување… земајќи ги предвид заслугите на Исус Христос, Спасителот на човечкиот род, е сочувана од сите дамки од првородниот грев“.
Црквата уште од самиот почеток верувала во догмата за Безгрешното зачнување, но таа била формално дефинирана во 1854 година од блажениот папа Пиј IX. Во 1857 година, е изградена статуата на Пјаца Мињанели, во близина на Шпанските скали во Рим. Традицијата на Папата да го посетува плоштадот на овој празник датира од 1953 година.
Ватикан њуз/к.мк