Папата Фрањо во понеделник 8 април 2024 година во Ватикан прими делегација од роднини на лицата кои Хамас ги киднапираше на 7 октомври минатата година и со нив разговараше околу еден час. Во Италија делегацијата ќе се сретне со претставници на италијанските институции и еврејските заедници
Неполн час траеше средбата на папата Фрањо со семејствата на израелските заложници кои се уште се во рацете на Хамас, која се одржа во Апостолската палата во Ватикан. Средбата се одржа точно шест месеци по бруталниот напад врз Израел на 7 октомври, во кој беа убиени повеќе од 1.100 лица. На тој ден беа киднапирани и 240 лица – меѓу кои жени, стари лица и деца.
Нивните роднини, кои дојдоа со фотографии од киднапираните, беа примени од Папата, кој веќе на 22 ноември 2023 година, во две одвоени аудиенции, се сретна со роднините на израелските заложници и група Палестинци чии членови на семејството се во Газа и плаќаат многу висока цена за војната. Папата Фрањо сака да ја изрази својата духовна близина со страдањата на сите – изјави тогаш портпаролот Матео Бруни. Ослободувањето на заложниците е апел што Папата безброј пати го упати во своите јавни настапи, заедно со апелот за прекин на огнот во Појасот Газа и за пристап на населението до хуманитарна помош, како итни и неопходни услови за решавање на конфликт.
Средби во Италија
Покрај средбата со Папата, за време на престојот во Италија, предвидено е делегацијата да се сретне и со претставници на италијанските институции и еврејските заедници во земјата.
Ватикан њуз/к.мк