Во интервју објавено во неделата во „Il Mattino“ по повод 130. годишнината од тој неаполски весник, папата Фрањо зборува за широк спектар на теми, од војните до тешкотиите на италијанскиот југ и оние на светот; од политиката како највисок облик на милосрдие до злото на организираниот криминал и уништувањето на животната средина, со посебен осврт на Terra dei fuochi и поплавите во регионот Марке во Италија.
Папата Фрањо во опширното интервју за неаполскиот весник „Il Mattino“ уште еднаш ја нагласува потребата да се решаваат актуелните проблеми на војната, пандемијата и сиромаштијата со заедничка работа за општо добро. „Само со откривање на она што нѐ поврзува, браќа и сестри, ќе најдеме излез од кризата низ која минуваме, а која не започна денес.
Иако интервјуто конкретно се фокусираше на проблемите со кои се соочува Неапол и Јужна Италија, папата Фрањо јасно стави до знаење дека проблемите со кои се соочуваат се „глобални прашања“, прашања што „ја засегаат иднината на целиот свет“.
„Не се разбудивме од војните и планетарните неправди, не го слушнавме плачот на сиромашните на нашата тешко болна планета.“
Време е да се смени правецот
Папата Фрањо истакна дека е потребна „промена на правецот“, порачувајќи дека сите сме предизвикани да го сториме тоа. Денес е „време на искушение, време на избор… Време е повторно да се одреди правецот“, рече Светиот Отец. Посебно ја истакна потребата од одржлив и интегрален развој и нови начини на разбирање на економијата и напредокот; олеснување на долговите за земјите во развој и потребата да се стави крај на експлоатацијата на земјиштето, трката во вооружување и експлоатацијата на луѓето, посебно на децата. За да се одговори на овие кризи, Папата истакна дека потребната креативност е насочена кон општото добро, повторувајќи уште еднаш дека клучна е насоката во која ќе се движиме.
Правда и прошка, столбови на вистинскиот мир
Осврнувајќи се на прашањето за војната, папата Фрањо рече дека денес се соочуваме со војната во Украина, но и со многу други војни. Тој го цитираше свети Иван Павле II., кој по терористичкиот напад на 11 септември напиша дека „нарушениот поредок не може целосно да се врати додека не се соединат правдата и простувањето“.
„Столбовите на вистинскиот мир се правдата и простувањето, што е посебен облик на љубов“, рече Рисмкиот епископ и додаде: „За сè има време“. Пред простувањето доаѓа осудата на злото. Меѓутоа, важно е да не се поттикнува војна, туку да се подготви мир, да се сее мир“.
Посветеноста на животната средина мора да биде приоритет
Папата се осврна и на прашањето за грижата за животната средина, особено во контекст на Terra dei Fuochi („земја на огнот“) во близина на Неапол, и неодамнешните разорни поплави во регионот Марке во Италија. Тој уште еднаш повтори дека „сѐ е поврзано“, велејќи дека со ваква свест мора да „почнеме од почеток“.
„Денес е многу неопходно“, рече тој, „секој човек и целата меѓународна заедница како приоритет да ја земат еколошката посветеност на колегијално, солидарно и далекувидно делување.“
Политиката, највисоката форма на милосрдие
Во интервјуто со Светиот Отец се разговараше и за повеќе други теми, меѓу кои и улогата на Црквата во политиката, која Папата ја опиша како „уметност на средба“ и „највисок облик на милосрдие“; се зборуваше за „чумата“ на организираниот криминал и што светот може да научи од глобалниот југ во однос на солидарноста и неговиот однос со времето, историјата и земјата.
Ватикан њуз /к.мк