Папата Фрањо во Честохова: Бог мал, близок и конкретен

Бог нè спасува така што се прави мал, близок и конкретен. Пред сè Тој станува мал – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во манастирот во Јасна Гора во Ченстохова по повод 1050-тата годишнина од „крштевањето на Полска“.

Светиот Отец во проповедта истакна дека Бог ги избира малите затоа што тие се спротивставуваат на „горделивоста на животот“ и зборуваат на истиот јазик како и Тој: со јазикот на понизната љубов која ослободува.

Божјот влез во историјата не се остварил на триумфален или впечатлив начин, туку во едноставноста. Божјото царство, спротивно од она што ние би очекувале или можеби сакаме, доаѓа во смирение и понизност – кажа Папата.

Божјиот начин на постапување ни го покажува неговата близина и конкретност. Тој е „меѓу нас и се грижи за нас, не одлучувајќи наместо нас и не окупирајќи се со прашања за моќта.“ Бог со задоволство го избира она што е мало, спротивно на нашоите човечки склоности. Тенденцијата за „моќ, големина и видливост е трагично човечко и големо искушение кое насекаде се обидува да навлезе“ – предупреди Светиот Отец.

Бог е близок; не сака да биде владетел од кој треба да се плашиме, останувајќи далеку на небесниот престол, туку сака да се „спушти“ во нашите секојдневни настани за да оди со нас. Папата истакна дека и Црквата е должна тоа да го прави: да слуша, да се вклучува и да биде блиска, делејќи ги радостите и напорите на народот.

Божјата конкретност се одразува во историјата на Полска посебно во пренесувањето на верата во семејствата. Истакна дека во „Марија пронаоѓаме целосна усогласеност со Господ“ така што „божествената нишка“ во историјата се испреплетува со „богородичната нишка“. Преку Блажена Дева Марија Бог „слезе кај нас за ни биде близок и конкретен.“ Додаде дека Марија „влева желба за да се надминат злосторствата и раните од минатото“ и со сите да се создава заедништво не западнувајќи во искушението на изолирање или наметнување.“

Таа „не е господарка или протагонист, туку Мајка и служителка“ – продолжи Папата поттикнувајќи: „Да молиме за милоста да ја присвоиме нејзината сензибилност“ во служењето на оние во потреба и за трошење на животот за другите „без предност и разликување.“ Малку користи „пред“ на „после Христос“, ако сето тоа останува само податок во историските белешки – рече Папата и на крајот посака: „Во секој нека се случи внатрешниот премин, воскресение на срцето“, така што ќе делуваме во „маленкоста“ со „едноставни и отворени срца“.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот