Папата Фрањо: Во срце опседнато со богатство, нема повеќе место за вера

На молитвата Ангел Господов, во недела 2 март папата Фрањо повика на молитва за мир во Украина.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во центарот на литургијата ова недела се наоѓа една од најутешителните вистини: тоа е Божјата провидност. Пророкот Исаија ја претставува со слика на мајчинска љубов полна со нежност и вели: „Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам.“ (Исаија 49, 15). Колку е тоа прекрасно! Бог не нѐ заборава, никого од нас! Сите нѐ познава по име и презиме. Нѐ љуби и не нѐ заборава. Колку прекрасна мисла… Тој повик за доверба во Бог наоѓа своја паралела во текстот од Евангелието по Матеј: „Погледајте ги птиците небески; – вели Исус – тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни… Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив.“ (Мт 6, 26.28-29)

Но кога ќе помислиме на многу луѓе кои живеат во оскуда или дури во беда која го навредува нивното достоинство, тие Исусови зборови би можеле да ни изгледаат како апстрактни, ако не и илузорни. Но всушност се актуелни повеќе од било кога! Потсетуваат дека не може да се служи на двајца господари: Бог и богатството. Сѐ додека секој бара да зграпчи за себе, сѐ дотогаш нема да има праведност. Да го слушнеме тоа добро! Сѐ додека секој бара да зграби за себе, сѐ дотогаш нема да има праведност. Ако напротив, доверувајќи се во Божјата провидност, заедно го бараме неговото Царство, тогаш нема на никој да му недостасува она нужно за да живеат достоинствено.

Срце преокупирано со желба за поседување е срце полно со таа желба за поседување, но во него го нема Бог. Заради тоа Исус повеќе пати ги опоменува богатите, затоа што тие се во голема опасност својата сигурност да ја стават во добрата од овој свет, додека сигурноста, конечната сигурност е во Бог. Во срце опседнато со богатства, нема повеќе места за вера: се е исполнето со богатства, нема место за верата. Ако пак на Бог му се остави местото кое што му припаѓа, а тоа е првото место, тогаш неговата љубов нѐ наведува да ги делиме исто така и богатствата, да ги ставиме во служба на проекти за солидарност и развој, како што тоа го покажуваат бројни примери, исто така од неодамнешното минато, во историјата на Црквата. И така Божјата провидност поминува низ нашето служење на другите, нашето споделување со другите. Ако секој од нас нѐ зграбува богатство само за себе, туку го става во служба за другите во тој случај Божјата провидност станува видлива во тој чин на солидарност. Ако напротив секој зграби само за себе, што ќе му се случи кога Бог ќе го повика кај себе? Нема да го понесе со себе богатството, затоа што – знаете – судариумј (крпа со која во старите времиња се бришала потта од челото) нема џебови! Подобро е да делиш, затоа што во небото го носиме само она што сме го делеле со другите.

Патот кој што го покажува Исус може да изгледа малку реалистичен со оглед на општиот менталитет и проблемите со економската криза; но ако добро се размисли, тоа нѐ доведува до вистинската скала на вредности. Тој вели: „Зар не чини душата повеќе од храната, и телото од облеклото?“ (Мт 6,25). За на никој да не му недостига леб, вода, облека, кров над главата, работа, здравје потребно е сите да се признаеме за деца на Отецот кој е на небесата и браќа меѓусебе и во согласност со тоа да се однесуваме. На тоа потсетив во пораката за мир од 1 јануари: патот кој води до мир е братството: тој пат се состои во тоа да чекориме заедно, сѐ да делиме заедно.

Во светло на Божјото Слово ова недела да ја повикаме Дева Марија како Мајка на Божјата провидност. На неа да го довериме нашиот живот, патот на Црквата и човештвото. На посебен начин да го повикаме нејзиниот заговор за сите да се трудат да живеат едноставно и умерено да бидат внимателни на потребите на браќата кои се во најголема потреба.

По Ангел Господов

Драги браќа и сестри, ве молам и понатаму да молите за Украина која проживева чувствителна ситуација: додека изразувам надеж дека сите делови на општеството да поработат на совладување на неразбирањата и заедно да ја градат иднината на тој народ, упатувам до меѓународната заедница искрен апел да ја поддржат секоја иницијатива во корист на дијалогот и слогата.

 […]

Ова недела ќе го започнеме постот кој е одење на Божјот народ кон Воскресението, одење кон преобраќање, борба против злото на оружјето со молитва, пост и милосрдие. На човештвото му треба правда, помирување, мир и може тоа да го има ако со целото срце се врати кон Бог кој е негов извор. И на сите ни е потребно Божјото простување. Да влеземе во постот во духот на поклонувањето на Бог и братска солидарност со оние кои во овие времиња се искушувани од сиромаштво и жестоки конфликти.

На сите ви посакувам пријатна недела и добар апетит. Довидување!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот