Папата Фрањо во Советот на Европа: Европо, каде е твојата сила?

Цела Европа се собра во ова аула, со своите народи, своите јазици, своите култури и своето верско изразување кои го прават богатството на овој континент, рече папата Фрањо во говорот пред Советот на Европа во Стразбур на 25 номеври 2014 година, а во салата беа собрани членовите на парламентарните групи на Советот на Европа, преставници на државите членки, судиите на Европскиот суд за човекови права и преставници на различни институции. Својот говор Папата го посвети на мирот, а патот на мирот е другиот да не го гледаме како свој непријател, туку како брат, рече на европските лидери, папата Фрањо и ги повика да работат напорно и постојано на креативни решенија за да се надвладеат поделбите и конфликтите.

Во опширниот говор Папата предупреди дека мирот често е загрозен во различни делови во светот, а тензии постојат и на европскиот континент кој копнее за мир, но често лесно паѓа во искушението на минатото. Потсети дека Советот на Европа е основан во 1949 година по две светски војни со желба да се обнови Европа во духот на взаемното служење, што и денес треба да биде темел на посланието на Советот на Европа во служба на мирот, слободата и човечкото достоинство. Поглаварот на Црквата ги поттикна европските водачи да го следат тој сон во корист на општото добро.

Осврнувајќи се донекаде на уморната и песимистичка Европа, која се чувствува окупирана со новостите кои доаѓаат од другите континенти, Папата праша: Европо, каде е твојата сила? Каде е оној духовен занес кој ја исполнуваше твојата историја и ја исполни со значење? Каде е оној дух на претприемништво жеден за знаење? Каде е тој глад за вистината која досега со страст ја посредуваше за светот? Од одговорите на овие прашања ќе зависи иднината на континентот. Европа мора да размисли дали нејзиното силно наследство на човечкото, уметничкото, техничкото, социјалното, политичкото, економското и верското подрачје е само музејско наследство на минатото.

Папата изрази желба за нова општествена и економска соработка која ќе биде без идеолошка условеност и која што глобализираниот свет ќе го опфати со солидарност. Се осврна исто така на проблемите како што се невработеноста на младите, прифаќањето на бегалците, сиромаштвото во Европа и заштитата на животната средина.

Папата Фрањо зборуваше во Советот на Европа на говорницата на која пред 26 години зборуваше и папата Иван Павле II, а која што за ова прилика беше донесена од музејот.

РВ/к.мк/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот