Папата Фрањо во интервју за радио COPE: Никогаш не сум помисил да се повлечам

Папата Фрањо во интервју за радио COPE: Никогаш не сум помисил да се повлечам

Разговорот на Светиот Отец, папата Фрањо со новинарот Карлос Херер за актуелните настани во Црквата и светот, во средата, 1 септември, го пренесе шпанската радио станица COPE.

Папата со Херер разговараше за бројни теми. Меѓу другото, за здравјето и неодамнешната операција, кризата во Авганистан, односите со Кина, реформата на римската курија, тековното суски процеси во Ватикан, борбата против корупцијата и педофилијата, евтаназијата и абортусот и документот Traditionis Custode.

Здравствената состојба на Папата и можноста за повлекување

Во врска со неговата здравствена состојба, Светиот Отец прво со насмевка рече: „Јас сум жив“. Тој додаде дека неговиот живот го спасил 30-годишен медицински техничар кој е во служба на Светиот Престол. Имено, тој предложи Папата да оди на операција на дебелото црево наместо конзервативно лекување со лекови. Ова се покажа како оправдано, бидејќи за време на операцијата во поликлиниката Џемели беше откриен некроза, односно состојбата беше посериозна отколку што се мислеше. Затоа, му се отстранети 33 сантиметри од цревата.

„Ова е втор пат медицинскиот персонал да ми го спаси животот – првиот пат беше во 1957 година“, рече Папата.

По операцијата, тој се чувствува добро и може да ги исполнува сите обврски, а исто така рече дека може да јаде сѐ со земање соодветни лекови.

Запрашан за шпекулациите за негово повлекување од Петровата служба поради возраста или здравјето, Светиот Отец рече дека „секогаш кога Папата е болен, има ветер или ураган од шпекулации за конклава“. Тој посочи дека никогаш не му паднало на памет да се откаже од Папската служба.

Светиот Отец изјави дека во Авганистан, ранет од неодамнешните настани и со доаѓањето на Талибанците на власт и терористичките напади „ситуацијата е тешка“.Не навлезе во детали за чекорите што ги презема дипломатската служба на Светиот Престол по ова прашање, но ја пофали работата на Државниот секретаријат. „Сигурен сум дека помага или барем нуди помош“, рече тој. Го опиша кардинал Пиетро Паролин, Државниот секретар, како најдобриот дипломат што некогаш го сретнал, нагласувајќи дека кардиналот е „дипломат кој додава и не е еден од оние што одземаат – тој секогаш бара личност за договор“.

Светиот Отец истакна дека изгледа, иако не сака да суди, дека повлекувањето на американските сили од Авганистан не ги зело во предвид сите можности. Додаде дека не знае дали ќе има ревизија на договорот или не, но секако дека има некаква измама или наивност.

Односите со Кина

Во разговорот се споменува и друга азиска земја со која Светиот Престол има специфични односи, имено Кина. Папата рече дека соработката не е лесна, но е убеден дека дијалогот не смее да се напушти. „Во дијалогот може човек да биде излажан, да се направи грешки, сето тоа … но тоа е патот напред.“ Тој нагласи дека досега е постигнат барем дијалог, но и некои конкретни работи како што е договорот за назначување бискупи. „Полека“, додаде тој.

Реформа на римската курија, транспарентност на финансиите на Ватикан и спречување на злоупотреба

„Мали прилагодувања“ во Римската Курија, понатамошен напредок во транспарентноста на финансиите на Светиот Престол и спречување на злоупотреба во Црквата се работи на кои Светиот Отец интензивно работи. Тој потврди дека новата Апостолска конституција Praedicate Evangelium за реформа на Куријата ова лето требаше да биде објавена, но е одложено поради неговата здравствена состојба. Светиот Отец истакна дека документот „нема да содржи ништо ново“, туку ќе спои некои дикастерии како што се Конгрегацијата за католичко образование, Папскиот совет за култура и Папскиот совет за промовирање на новата евангелизација со Конгрегацијата за доктрина на верата.

Што се однесува до борбата против корупцијата, папата Фрањо рече дека „е постигнат напредок во консолидација на судството на државата Ватикан“, што овозможи „судството да биде понезависно“. Исто така истакна дека „не се плаши од транспарентност или од вистината“. „Понекогаш боли многу, но вистината нѐ ослободува“, рече папата Фрањо.

Светиот Отец исто така апелираше до владите да преземат мерки против детската порнографија – „глобален и сериозен проблем“ и нагласи дека во денешно време тајните служби знаат сѐ. Така, властите знаат и кој произведува педофилска порнографска содржина во нивните земји. „За мене, тоа е една од најмонструозните работи што сум ги видел“, рече Птеровиот наследник.

Евтаназија и абортус

Коментирајќи ја легализацијата на евтаназијата во Шпанија, Светиот Отец рече дека тоа е резултат на „културата на отфрлање“. „Се отфрла она што е бескорисно. Тие ги сметаат старите луѓе дека се материјал што се користи и фрла. Дури и смртно болните, дури и несаканите бебиња … „Светиот Отец истакна дека Црквата сака да им помогне на луѓето да умираат со достоинство, што отсекогаш го правела, а оваа „културата на отфрлање“ има големо влијание и врз „демографската зима“ на Запад. „Дали е легитимно да се отстрани човечкиот живот за да се реши проблемот? Дали е правилно да ангажирате убиец за да го решите проблемот?“, праша Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот