Папата Фрањо: Верата без дела не е вера

Папата Фрањо: Верата без дела не е вера

Ако верата не дава плодови во дела, не е вера – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 21 февруари во капелата на домот Света Марта. Папата ја служеше светата Литургија за навршени деведесет години на кардинал Силвано Пиованели, поранешен архиепископ на Фиренца, заблагодарувајќи му за сѐ што направи и за неговото сведоштво и добрина.

Светот е полн со христијани кои често го изговараат „Верувањето“ но многу малку го применуваат во животот, или учени луѓе кои теологијата ја разглобуваат во серија можности, а таквата мудрост нема вистински одраз во животот. Од таа опасност свети Јаков се плашел пред две илјади години, а Папата за неа говореше во проповедта коментирајќи го делот од Посланието на апостолот. Тврдењето на апостолот е јасно – рече Папата – ако верата не се одразува во животот, ако не дава плодови во делата, тогаш не е вера.

И ние во тоа често грешиме: „Имам цврста вера“, слушам зборуваат. „Верувам…“ А можеби човекот кој тоа го зборува е млак и слаб во животот. Неговата вера е како теорија, затоа што не се гледа живот во тој човек. Кога апостол Јаков говори за верата, говори всушност за науката, за содржината на верата. Може да ги знаете сите заповеди, сите пророштва, сите верски вистини, но ако тоа не се применува во животот; ако не се гледа во делата, тогаш не служи за ништо. Верувањето можеме да го изговараме и не верувајќи, а има и многу луѓе кои така прават. Па и ѓаволите. Тие многу добро знаат што се говори во верувањето и знаат дека тоа е Вистината – опомена папата Фрањо.

Во зборовите на Папата одекнува тврдењето на апостолот: „Ти веруваш дека Бог е еден: добро правиш; но и бесовите веруваат, а треперат.“ (Јаков 2,19) Разликата е во тоа што тие немаат вера, затоа што да веруваш не значи да знаеш, туку да ја прифатиш Божјата порака која Христос ја донесе. Во Евангелието имаме две ознаки за оној кој знае во што треба да верува, а на што да не верува: Прва е „казуистиката“ таа ги претставува оние кои Исус го прашувале дали е дозволено да плаќаат данок или пак на кој од седумте браќа ќе припадне вдовицата. Другиот знак е идеологијата – рече Папата.

Христијаните кои ја замислуваат верата како некој состав на идеи, ги имало и во Исусовото време. Апостолот Јаков им вели дека се антихристови, идеолози на вера, без оглед на ознаката. Во тоа време биле гностиците, а и денес ги има многу… И така, тие кои се држат до казуистиката или идеологијата, се христијани кои ја познаваат науката, а не ја познаваат верата, како и ѓаволите. Разликата е во тоа што ѓаволите треперат, а овие не: мирно живеат – објасни Светиот Отец.

Напротив, потсети Папата во Евангелието има примери на луѓе кои не ја познаваат науката, но имаат силна вера. Папата ја спомна жената Хананејка која со својата вера изнудила оздравување на опседнатата ќерка; потоа Самарјанката која го отвора своето срце затоа што го сретнала Исус Христос, а не апстрактна идеја. Се спомнува и слепиот кој го оздрави Исус, а кој го испрашувале фарисеите и познавачите на законот зошто на колена му заблагодарил на оној кој го оздравел – рече Папата.

Верата секогаш поттикнува на сведочење. Верата е средба со Исус Христос, со Бог; од таа средба се раѓа и те води кон сведочење. Апостол Јаков сака да го каже ова: вера без дела ако не те преокупира, ако не те поттикнува на сведочење, не е вера. Тоа се зборови и ништо повеќе – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот