На празникот на сите светци, 1 ноември 2021 година, папата Фрањо ја предводеше молитвата Ангел Господов и во својот говор толкуваше два аспекта на светиот живот – радоста и пророштвото.
Блаженствата се нашиот патоказа кон Царството Божјо и кон радоста – тоа е пат на понизноста, сочувството, кротоста, правдата и мирот. Да се биде светец, истакна Папата, значи да се оди по овој пат. Светиот Отец потоа се фокусираше на два аспекта од ваквиот начин на живот: радоста и пророштвото.
Блаженството, светоста, не е животен план кој се состои исклучиво од труд и одрекување, туку пред се радосно откритие дека сме Божји љубени синови и ќерки, рече Папата. Тоа не е човечко достигнување, туку дар што го добиваме: свети сме затоа што Бог, Кој е Свет, доаѓа да живее во нашите животи. Затоа, радоста на христијанинот, продолжи Светиот Отец, не е минлива емоција или обичен човечки оптимизам, туку сигурност дека може да се соочи со секоја ситуација, под Божјиот поглед полн со љубов, со храброста и силата што доаѓа од Него. Светците, дури и среде многу неволји, ја доживеале оваа радост и сведочиле за неа. Без радост, предупреди Папата, верата станува ригорозна и угнетувачка вежба и сме во искушение да заболиме од тага. Светиот Отец повика повика да се запрашаме дали сме радосни христијани, потсетувајќи нè дека нема светост без радост.
Другопт аспект што го истакна Папата е пророштвото. Светот вели дека за да се постигне среќа потребно е да се биде богат, моќен, секогаш млад и силен, да се ужива во славата и успехот. Исус, пак, ги поништува овие критериуми и дава пророчка објава, објасни Светиот Отец. Вистинската полнота се постигнува со наследувањето на Него, со спроведување на Неговото Слово во дело. Тоа значи да се биде сиромашен одвнатре и да се направи простор за Бога. Блаженствата, рече Папата, се пророштво за ново човештво, нов начин на живот: да станеме мали и да се надеваме на Бога наместо да ги надминуваме другите; биди кроток наместо да се наметнуваш; покажи милост наместо да мислиш само на себе; посвети се на правдата и мирот наместо на промовирањето неправда и нееднаквост, дури и со премолчено согласување. Светоста е прифаќање и спроведување на дело, со Божја помош, ова пророштво што го револуционизира светот, рече Светиот Отец.
Светиот Отец исто така, поттикна да размислиме дали и ние сме сведоци на Исусовото пророштво или се прилагодуваме на сопствената удобност на животот и мрзеливоста. Дали на светот му ја носам Радосната вест за Исусовото пророштво или вообичаените поплаки за тоа што не е во ред, рече Папата во своето обраќање.
Ватикан њуз/к.м