Папата упати порака до фрањевците

Папата упати порака до фрањевците

Папата Фрањо испрати порака до Фрањевската кустодија во Светата Земја, по повод 800 годишнина од нивното присуство како чувари на светите места во денешен Израел и Палестина.

Светиот Отец потсети дека свети Фрањо во мај 1217 година за време на капитулот на ново основаниот ред одлучил да испрати фратри во мисија. Првите мисионери фрањевци пристигнале во Светата Земја веќе во летото истата година, и тоа во градот Акур недалеку од Хаифа, северно во Израел, а во 1342 година, папата Клемент VI со булата „Gratiam agimus“ ги прогласи за чувари на светите места.

Упорни во контемплацијата и молитвата, едноставни и сиромашни, послушни на римскиот бискуп – продолжи папата Фрањо – во Светата Земја живејте заедно со луѓето со различни култури и вероисповеди, сеејќи мир, братство и почит. Папата понатаму истакнува дека фрањевците не работат само како водачи на поклониците, туку исто така се посветени на археолошките истражувања и проучувањето на Светото Писмо.

Светиот Отец истакна дека фрањевците тесно соработуваат со локалните Цркви во грижата за сиромашните, болните, старите лица и младите, на кои им е тешко да ја одржат надежта среде денешниот конфликт. Папата Фрањо освен тоа напиша дека фрањевците се амбасадори за целиот Божји народ, кој ги поддржува по пат на традиционалното собирање на милостиња за Светата Земја, како и преку Конгрегацијата за Источни цркви која моментално одбележува сто години од своето постоење.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот