Ангел Господов: Човечката и духовна близина ми беше од голема помош, ви благодарам на сите!

Ангел Господов: Човечката и духовна близина ми беше од голема помош, ви благодарам на сите!

Пред молитвата Ангел Господов во недела 18 јуни 2023 година, папата Фрањо се заблагодари за молитвите и изразите на љубов за време на неговата хоспитализација во поликлиниката Гемели. Осврнувајќи се на неделното евангелие, тој истакна дека срцето на проповедањето е „бесплатно сведоштво, служење“ и дека со тоа што сме блиску до Бога „го победуваме стравот и чувствуваме потреба да ја навестиме“ неговата љубов.

Папата Фрањо ја започна неделната молитва Ангел Господов изразувајќи ја својата длабока благодарност до сите за љубовта, грижата, пријателството и молитвена поддршка за време на неговиот престој во римската поликлиника Агостино Гемели. Папата ја напушти Поликлиниката во петокот наутро на 16 јуни и се врати во Ватикан.

Таа човечка и духовна близина ми беше од голема помош и утеха. Благодарам на сите! Ви благодарам! Ви благодарам од се срце!

Минатата недела, на 11 јуни, Светиот Отец ја молеше пладневната молитва Ангел Господов сам во својот апартман на клиниката „Гемели“ согласно препораките на лекарскиот тим.

Бог е близу до нас, тој е наш Отец, не сме сами!

Гледајќи во Евангелието според Матеј (10,7), во кое Исус ги повикува по име и ги испраќа дванаесетте апостоли да навестат само едно: „Царството небесно се приближи!“, забележа дека „неговото господарство на љубовта се приближи“ и дека тоа не е само една од новостите, туку „основна животна реалност“.

Бог не е далечен, туку е Отецот, тој те познава и те љуби; сака да те држи за рака, дури и кога одиш по стрмни и нерамни патеки, дури и кога паѓаш и ти е тешко да станеш и да продолжиш по својот пат.

Да го победиме стравот и да навестуваме

И често, продолжува папата Фрањо, во моментите кога си најслаб можеш посилно да го почувствуваш неговото присуство. Тој го знае патот, Тој е со тебе, Тој е твој Отец! Така да се навестува Бог кој е близок значи да се доживуваме како дете, кое додека оди, го држи таткото за рака: тогаш сè е поинаку. Светот, тој голем и мистериозен свет, станува познат и безбеден, бидејќи детето знае дека е заштитено. Не се плаши и учи да се отвора: запознава други луѓе, наоѓа нови пријатели, успешно учи работи што не ги знаел и потоа се враќа дома и на сите им кажува за она што го видел, додека во него расте желбата да стане голем и да прави работи што ги видел како ги правел татко му. Ете зошто Исус тргнува од тоа …

Затоа што Божјата близина е првото навестување: кога сме блиску до Бога, го победуваме стравот, се отвораме кон љубовта, растеме во добрината и чувствуваме потреба и радост за навестување.

Навестете ја неговата близина со гестови на љубов и надеж

Ако сакаме да бидеме добри апостоли, објасни Светиот Отец, мораме да бидеме како деца: седнете „на Божјите колена“ и од тоа место гледајте на светот со доверба и љубов, за да посведочиме дека Бог е Отецот, дека само Тој ги преобразува нашите срца и ни ја дава таа радост и тој мир што самите не сме способни да ги дадеме.

Навестувајте дека Бог е близу. Но, како да се направи тоа? Во Евангелието Исус препорачува да не зборуваме многу зборови, туку да вршиме многу дела на љубов и надеж во името на Господа: „Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ Ова е суштината на навестувањето: Бесплатно сведочење, служење.

Знаеме ли да се приближиме до оние кои се сами, но и со оние кои се непријателски настроени кон нас?

Затоа папата Фрањо нè повикува да се запрашаме: дали ние, кои веруваме во Бог, кој е близок, веруваме во него? Знаеме ли со сигурност да гледаме во иднината, како дете кое знае дека татко му го носи во раце? Дали знаеме да седнеме на колена на Отецот со молитва, слушање на Словото Божјо и пристпаување на Светите Тајни?

И, на крај, прилепувајќи се до него, знаеме ли да внесеме храброст кај другите, да бидеме блиски со оние кои страдаат и се сами, со оние кои се оддалечиле од Бога, па дури и со оние кои се непријателски настроени кон нас? Ова е конкретноста на верата. Тоа е она што е важно.

На крајот, Светиот Отец ги поттикна насобраните верници заедно да се помолат на Пресвета Богородица: „И сега да се помолиме на Марија да ни помогне да се чувствуваме сакани и да пренесуваме доверба и близина еден кон друг!“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот