Папата упати порака до младите од заедницата Тезе
На Европа и е потребно вашето заземање, вашата храброст и вашата вера да може да ги преброди тешките моменти кои ги доживува – истакна Светиот Отец во пораката до младите, кои утре ќе се соберат во Стразбур. Папата потсети на возвишената накана на младите во текот на 2014 меѓу Христовите следбеници да се продлабочи видливо заедништво.
Вие сте свесни дека поделбите меѓу христијаните се голема пречка за остварување на посланието доверено на Црквата, како и тоа дека христијанското навестување би било многу повеќе продорно да нема поделби меѓу христијаните. Папата го дели вашето уверување дека од другите може многу да се научи, затоа што има многу работи кои нѐ обединуваат. Завршувајќи ја пораката до младите, Папата посака нивното сведоштво силно да го шири евангелскиот дух на мирот и помирувањето.
Во Стразбур од утре околу триесет илјади млади од цела Европа ќе учествуваат на 36. европска средба, која ја организира екуменската заедница Тезе. Младите ќе престојуваат во семејства, а до 1 јануари ќе се собираат на заедничка молитва и размислување, како и на говорите на брат Алојз, приор на екуменската заедница Тезе.
Говорејќи за овогодинешната средба на млади брат Алојз рече дека со младите сака да размислува за Црквата како големо пријателство кое треба да се пренесе на сите луѓе, и за помирувањето меѓу луѓето. Има премногу конфликти, а помирувањето помеѓу Франција и Германија може да биде пример за изградување помирување во светот – истакнува приорот.
На прашање за предлозите за 2014 година рече дека во текот на годината сака да го продлабочува црковното заедништво. Во тоа можат да ни помогнат четири предлози: првиот е вклучување во парохиската заедница. Ние не сакаме са создадеме движење, младите треба да го остваруваат заедништвото во парохиите и во постоечките движења. Вториот предлог е да се прошират црковните граници; треба да одиме кон другите, кон сиромашните, а третиот е мали групи на млади да молат со други луѓе; и четвртиот предлог е поттикнување на помирување меѓу христијаните – нагласува брат Алојз.
РВ/Д.И.