Папата упати порака до гувернерот на Хирошима: Мирот е возможен единствено без нуклеарно оружје
По повод 75. годишнина од првата атомска бомба фрлена во Хирошима, папата Фрањо испрати порака до гувернерот на Префектурата на тој град, неговата екселенција Хидехи Јузаки, во која истакнува дека единствено без нуклеарно оружје светот може да чекори кон мирот.
Папата се обрати на сите кои во Хирошима и во цела Јапонија се спомнуваат на десетиците илјади жртви од првата нуклеарна бомба. Посебно ги поздрави оние кои ја преживеаја „хибакуша“, јапонски термин кој ги означува оние кои ја преживеале атомската експлозија.
Имав можност лично да бидам во Хирошима и Нагасаки – напиша Папата – за време на својата апостолска посета во ноември минатата година, кога го посетив и Меморијалот за мир во Хирошима и Паркот на хипоцентарот во Нагасаки. Токму на тие места папата Фрањо размислуваше за бројните уништени човечки животи во овие два града.
За да процвета мирот сите треба да го положат оружјето, а најмногу она најмоќното и најразорното, како што е нуклеарното, кое може да парализира и уништи градови и цели држави – истакнува Папата во пораката. На крајот го повтори она што го кажа во Меморијалот на мирот во Хирошима на 24 ноември 2019 година, кога истакна дека употребата на атомската енергија во воени цели е неморална, како што е неморално и поседување нуклеарно оружје. Пророчките зборови на преживеаните во Хирошима и Нагасаки и понатаму нека бидат предупредување за нас и за идните генерации – напиша папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк