Папата Фрањо упати финансиска помош за настраданите во поплавите во Јужен Судан и пожарите во Грција, објави на 4 октомври Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
По обилните дождови и разорните поплави кои во август го погодија Јужен Судан во кои повеќе од 12.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, повеќе од 6.000 домови се оштетени или уништени и направена е голема материјална штета, папата Фрањо преку Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој одлучи да испрати 75.000 американски долари како помош за настраданото население во тешко погодената бискупија Малакал.
Светиот Отец исто така одреди да се испрати првиот износ од 50.000 евра за помош на населението кое во Грција исто така во август претрпе сериозни загуби заради пожарите кои избувнаа на островот Евија, полуостровот Атика и во регионот на Пелопонез, уништувајќи повеќе од 100.000 хектатри земја, поле и посеви. Тој износ е наменет за активностите кои на тоа подрачје ги промовира Каритас Хелас.
Испратените прилози сакат да го изразат чувството на близина и татковско охрабрување од страна на папата Фрањо кон настраданите и погодените подрачја, се наведува во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Ватикан њуз/к.мк