Заврши молитвената осмина за единство на христијаните

Во сабота 25 јануари заврши Молитвената осмина за единство на христијаните. Папата Фрањо во римската базилика Свети Павле надвор од ѕидините со почеток во 17.30 часот ја предводеше вечерната молитва на која учествуваа претставници од други Цркви и црковни заедници присутни во Рим. Овогодинешната Молитвена осмина се одржи под мотото: „Па зар Христос се раздели?“ прашање кое свети Павле го упати на христијанската заедница во Коринт.

Осврнувајќи се на спомнатото мото во разговор за Радио Ватикан игуменот на Свети Павле надвор од ѕидините, Едмунд Повер рече дека Посланието на свети Павле до Коринтајаните е прекрасно, а воедно е и јадрото на мислењето на Павле за единството на христијаните. Во првата глава од Првото Посланието до Коринтјаните Павле се соочува со поделбите во заедницата, тврдејќи дека само еден е Христов, во смисла дека Христос не може да биде разделен. Посланието ги покажува чувствата на Павле, затоа што некои говореле: „Јас сум Павлов, Јас сум Петров.“ Но,дали е можно да го резделиме Христос? Тоа прашање бара одговор: Не е можно! Единственост на телото е центарот на верата на Павле. Задоволен сум што ова година за мото е одбрано овој текст од свети Павле – истакна игуменот.

На забелешката дека Молитвената осмина завршува на празникот Преобраќање на свети Павле, тој рече дека Павле бил првиот христијански теолог: ја напишал првата книга на Новиот Завет. Него Бог го одбрал – како што велат Делата Апостолски – за да ја навестува христијанската вера. Празникот Преобраќање на свети Павле го одбележува неговото лично преобраќање и славење на Божјото Слово односоно почеток на Новиот Завет, затоа што свети Павле во моментот на преобраќање сфатил дека темел на сѐ е распнатиот и воскреснат Исус. Тоа бил одлучувачки момент за Црквата – истакна игуменот Повер.

На прашање за односот на Папата Фрањо и монасите рече дека пред Божиќ бил на аудиенција кај Светиот Отец. Тогаш го прашав: „Свети Оче, што барате денес од монашкиот живот?“ Ние сме бенедектинци веќе илјада и триста години во опатијата на Свети Павле надвор од ѕидините, можеби најстариот манастир во Римската бискупија. Одговорот на Папата ме развесели. Рече, навидум едноставна работа: „Останете верни на своето правило, секако прилагодувајќи се на денешното време; но верност на правилото.“ Нашето правило е манастирски израз на Евангелието. Папата поттикна на верност, секако во молитвата и во сѐ што настојуваме да правиме. Тоа го правиме илјада и триста години во базиликата свети Павле која е и црква и жива заедница: контемплативна и пасторална – заврши опатот Повер.

РВ/Д.И.

1323

Категорија: Ватикан

За авторот