Папата: Три мали работи кои ќе ви донесат мир

Заборавете ги конфликтите, отворете го своето срце!

Начинот на пронаоѓање на мир во светот, во нашите општества, но и во нашите семејства, поминува низ понизноста, кроткоста и великодушноста – истакна папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 26 октомври 2018 година. Размислувајќи за првото читање од Литургијата за делот од Посланието на свети Павле до Ефесјаните, потсети дека Павле од осаменоста во затворот упатува до христијаните вистинска „химна на единството“ повикувајќи ги повторно „да се однесуваат достојно според звањето.“

Осаменоста на свети Павле во затворот е истата која ќе го придружува до смртта, затоа што христијаните премногу се зафатени со своите внатрешни борби – рече Папата и потсети: Самиот Исус пред да умре, на Последната вечера го моли Отецот за благодат на единство за сите нас. Но, и покрај тоа, веќе навикнавме да живееме во конфликти. Секој ден на телевизијата и во весниците се зборува за конфликти, за војни; нема мир, нема единство. Иако се склучуваат договори за да се запрат разни конфликти, сепак подоцна се занемаруваат. На тој начин се продолжува со вооружувањето, подготовката за војна и уништување.

Исто меѓународните институции, создадени со најдобрата волја за да помогнат за единство и мир на човештвото, чувствуваат дека не можат да постигнат договор. Таму постои вето, таму интерес… Се мачат за да се договорат за мир – рече Светиот Отец. Во меѓувреме децата немаат што да јадат, не одат на училиште, не се воспитувани, немаат болници, затоа што војната сѐ уништува. Во нас постои склоноста за уништување, за војна и разединување. Таа склоност во нашите срца ја сее непријателот, уништувачот на човештвото, односно ѓаволот. Свети Павле во овој дел нѐ учи на патот на единството за кое вели: Единственото е покриено, непробојно – можеме да кажеме – преку врските на мирот. Мирот води до единството.

Затоа свети Павле повикува на однесување „достојно според звањето“, за кое сме повикани со секаква смиреност, кротост, и великодушност – рече папата Фрањо и додаде: За да го постигнеме мирот, единството, понизноста и кроткоста меѓу нас кои сме навикнале да навредуваме и викаме, решението е кроткоста и великодушноста. Заборавете ги конфликтите, отворете го своето срце! Но, може ли да се постигне мир во светот со тие три мали работи? Да, тоа е патот. Може ли да се дојде до единството? Да, тоа е патот: „понизноста, кроткоста и великодушноста.“ Павле е практичен и продолжува со практичен совет: „Поднесувајќи се еден друг со љубов.“ Да се поднесуваме едни со други, тоа не е лесно, лесно е да се суди и осудува, што води до поделба и разделба.

Тоа се случува исто така кога се создава одредена дистанца меѓу членовите на исто семејство – рече Папата и напомена. Ѓаволот е среќен заради тоа, тоа е почетокот на војната. Советот е да се поднесуваме едни со други; сите понекогаш сме причина за непријатност и нетрпеливост, затоа што сите сме грешници и сите имаме свои мани. Павле советува да го сочуваме единството на Духот преку врските на мирот, сигурно преку вдахновението од Исусовите зборови на Последната вечера: Едно тело сте и еден Дух.

Потоа оди и понатаму и ни го покажува хоризонтот на мирот со Бог; како што Исус ни го покажа хоризонтот на мирот во молитвата: Оче да бидат едно, како Ти и Јас. Важно е единството – рече Светиот Отец и потсети: Исус во Евангелието од денешната Литургија советува со својот непријател на патот да постигнеме договор. Тоа е добар свет, затоа што не е тешко да се договориш на почетокот на конфликтот.

Исусовиот совет е: договорете се и воспоставете мир на почетокот. Последниот збор мора да го има кроткоста и великодушноста. Мирот во целиот свет може да се изгради на тие мали работи, затоа што така се однесува Исус кој е понизен, кроток и сѐ простува. На денешниот свет му треба мир, на нас ни треба мир. Да започнеме од својот дом да ги применуваме тие едноставни работи: великодушност, кроткост и понизност. Да продолжиме по тој пат, секогаш градејќи и зацврстувајќи го единството. Нека Господ ни помогне во тоа – заврши папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот