Папата со младите Богопосветени лица

Папата Фрањо во четврток 17 септември во салата Павле VI во Ватикан се сретна со околу 5000 млади луѓе со посветен живот, кои овие денови се собраа во Рим од целиот свет на средба за темата „Разбудете го светот“.

Папата го остави на страна подготвениот говор и импровизирајќи одговараше на прашања на младите, но пред тоа своите мисли ги упати на денешните маченици во Ирак и во Сирија. При тоа кажа дека пред неколку дена примил мал крст кој во раката го држел свештеник од Ирак убиен затоа што не сакал да се откаже од Исус.

Најпрво говореше еден млад Сириец, па една монахиња од Индија, а потоа на Папата прашање му постави една клаузурна монахиња. На сите млади зафатени со продлабочувањето на своето звање Светиот Отец им порача да не мируваат во удобноста на посветениот живот кој е составен само од строго почитување на заповедите и правилата. Посветениот живот може да биде неплоден кога не е пророчки; кога не е дозволено да се сонува – истакна папата Фрањо и додаде дека почитувањето на правилата не треба да биде строго; ако е строго тогаш – според зборовите на Папата – не е почитување туку лично самољубие односно барање во себе чувство дека сме подобри од другите.

Светиот Отец потоа уште еднаш предупреди дека не треба да се препушта на озборување. Немојте никогаш да ја фрлате бомбата на озборувањето, никогаш! Таа е чумата на животот во заедницата! На тој начин монахот или монахињата кои го посветиле животот на Бог стануваат терористи бидејќи во својата заедница фрлаат бомба која уништува – рече Папата, а потоа се осврна на културата на привременост која влезе во Црквата, во монашките заедници, во семејствата и во бракот заборавајќи ја културата на конечноста. Бог го испратил својот Син засекогаш! Не привремено, само за една генерација или за една земја туку за сите. За сите и засекогаш – истакна Папата.

Зборувајќи потоа за евангелизацијата, Светиот Отец истакна дека евангелизацијата не е исто што и прозелитизмот. Да се евангелизира не значи само да уверуваш, туку да се сведочи дека Исус Христос е жив. Но, како да се даде тоа сведоштво? – праша Папата и рече – Со своето тело, со својот живот. Можеш да учиш, но способноста за греење на срцата не доаѓа од книгите, туку од твоето срце! – рече Папата и зборувајќи на крајот за својот прв повик рече – Кај Исус ме воодушеви неговата близина со мене.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Ватикан

За авторот