Во говорот пред Дипломатскиот кор при Светиот Престол, папата Фрањо повика на прекин на „бесмислениот конфликт“ во Украина и укинување на смртната казна, почнувајќи од Иран. Повторно го истакна решението за двете држави во Светата Земја и поттикна целосно разоружување: „Сите ние сме губитници од нуклеарната закана“. Тој ја изрази својата загриженост за ситуацијата во Бразил и другите места каде што има тензии поради поларизацијата.
Војната во Украина, смртта и уништувањето што ги остава зад себе, при што луѓето умираат не само од бомби, туку и од глад и студ. Политичкиte тензии во Бразил, но и во Перу и Хаити, насилството меѓу Израелците и Палестинците, смртната казна во Иран и исклучувањето на жените од образовниот систем во Авганистан се дел од темите за кои Папата Фрањо се обрати на дипломатскиот кор. Покрај тоа, трагедиите на маченичката Сирија и Јемен со населението десеткувано од мини, тероризмот во Африка, конфликтите во Јужен Кавказ, социјалната, економската и политичката криза во Либан и трагедијата со миграцијата која Медитеранот го претвори во гробишта.
Трета светска војна
Во долгиот говор пред Дипломатскиот кор акредитиран при Светиот Престол, кој како и обично ги прима на почетокот на годината, папата Фрањо се осврна на конфликтите и тензиите кои денес се бележат на пет континенти. Од сето ова произлегува сликата за „трета светска војна“, но веќе не во делови, туку глобална, во која – како што рече – конфликтите се директно поврзани само со некои области на планетата, но всушност ги вклучуваат сите.
Слабеење на демократијата
Имајќи го предвид ова сценарио, Папата бара заедно да градиме мир и да ја зајакнеме демократијата, која поради зголемената политичка и социјална поларизација слабее во некои земји, заедно со можностите за слобода, која таа ја овозможува, и покрај сите ограничувања на човечкиот систем. Перу, Хаити, а во последните часови и Бразил, како што се виде од вчерашниот напад на институционалните места, се примери за големи тензии и форми на насилство предизвикани од ваквите поларизации.
Секогаш е потребно да се надмине едностраната логика и да се работи на градење на општото добро.
Договор со Кина
Своето размислување, односно – како што го нарече – повик за мир во свет во кој се гледа како се зголемуваат поделбите и војните, Папата ја започна со изразување благодарност до амбасадорите за пораките со сочувство по повод смртта на Бенедикт XVI. А потоа го спомна и продолжувањето на Привремената спогодба за именување епископи меѓу Кина и Светиот Престол.
Се надевам дека овој кооперативен однос може да се развие во корист на животот на Католичката црква и доброто на кинескиот народ.
Од нуклеарната закана сите сме губитници
Римскиот епископ потоа ја спомна енцикликата Pacem in teris, која е објавена пред 60 години, а која Иван XXIII. ја напиша додека владееш закана од нуклеарна војна поради кубанската ракетна криза. Човештвото беше на чекор од сопственото уништување, ако не успееше да надвладее дијалогот – рече тој и нагласи: За жал и денес се поттикнува нуклеарната закана, фрлајќи го светот во страв и вознемиреност. Затоа тој повторно рече дека поседувањето атомско оружје е неморално, бидејќи – како што истакна папата Ронкали – не е исклучено некој непредвидлив и неконтролиран чин да предизвика искра што ќе го запали воениот апарат.
Од нуклеарната закана сите сме губитници!
Од оваа гледна точка, папата Фрањо изрази посебна загриженост за застојот во преговорите за иранскиот нуклеарен договор и изрази надеж за итно решение за побезбедна иднина.
Да прекине војната во Украина
Зборувајќи потоа за Украина, Папата ги осуди нападите врз цивилната инфраструктура, поради кои луѓето ги губат животите, не само од бомби и насилство, туку и од глад и студ. Денес, не можам, а да не апелирам повторно за итен прекин на овој бесмислен конфликт, чии последици погодуваат цели региони, дури и надвор од Европа, поради влијанието што го има врз производството на енергија и храна, посебно во Африка и на Блискиот Исток.
Укинување на смртната казна во Иран
Папата не заборави ниту на други жаришта со тензии. Меѓу нив, тој најпрво го спомна Иран, каде се уште се применува смртната казна, по протестите со кои се бара поголемо достоинство за жените.
Смртната казна не може да се користи за наводна државна правда, бидејќи таа не е средство за одвраќање, ниту пак остварува правда за жртвите, туку само ја поттикнува жедта за одмазда. Затоа, апелирам смртната казна, која секогаш е недозволива, бидејќи ја загрозува неповредливоста и достоинството на една личност, да се укине во законодавството на сите земји во светот. Не смееме да заборавиме дека до последен момент човек може да се преобрати и да се промени.
Решение за двете држави
Осврнувајќи се на ситуацијата во Сирија, земја измачена од сиромаштво и санкции, Светиот Отец истакна дека обновата на таа земја треба да помине низ неопходните реформи, вклучително и уставните реформи. Подеднакво загрижен, тој предупреди на порастот на насилството меѓу Палестинците и Израелците, што предизвикува жртви и целосна меѓусебна недоверба. Папата Фрањо затоа бара да се гарантира и почитува статус кво на Ерусалим, а во исто време, повторувајќи го ставот што Светиот Престол веќе го искажа, изрази јасна желба:
Властите на Државата Израел и тие на Државата Палестина нека ја повратат храброста и решителноста за директен дијалог за спроведување на решението за двете држави со сите нивни аспекти, во согласност со меѓународното право и сите релевантни резолуции на Обединетите нации.
Драми во Африка, Кавказ и Блискиот Исток
Во својот говор Папата ја спомена ситуацијата во Демократска Република Конго, во која ќе отпатува на крајот на месецот како „поклоник на мирот“ и се надева дека ќе престане насилството на истокот на земјата. Исто така, Светиот Отец се соединува во желбата за мир со народот на Јужен Судан и поттикнува почитување на прекинот на огнот во Јужен Кавказ, барајќи ослободување на воените и цивилните затвореници. Што се однесува до Јемен, папата Фрањо ја осудува смртта на цивили од нагазни мини, и покрај прекинот на огнот, додека во однос на Етиопија, тој го охрабрува зајакнувањето на вклученоста на меѓународната заедница во решавањето на хуманитарната криза.
Исто така, ја изрази својата загриженост за трагедиите што ги доживеаја жителите на Буркина Фасо, Мали и Нигерија, како и надеж дека транзиционите процеси кои се водат во Судан, Мали, Чад, Гвинеја и Буркина Фасо ќе бидат реализирани во однос на оправданите стремежи на населението. Тој апелираше до меѓународната заедница во однос на Мјанмар, кој – потсети – веќе две години доживува насилство, тага и смрт, како и на Корејскиот полуостров, за кои посака да се изгради толку многу посакуваниот мир и просперитет.
Целосно разоружување
Во сите конфликти се истакнуваат смртоносните последици од континуираното прибегнување кон производство на ново и сè пософистицирано оружје, што понекогаш се оправдува со фактот дека ако мирот е возможен денес, тој може да биде само мир заснован на рамнотежа на силите – напомена Папата и нагласи: Треба да ја искорениме таа логика и да продолжиме да одиме по патот на целосно разоружување, бидејќи мирот не е можен таму каде што се шират средства за смрт.
Почит кон жените
За да се воспостави мир, потребно е одново да се тргне од вистината, правдата, слободата и солидарноста. Најпрво – посочи – потребно е да се почитува човечката личност, со неговото право на постоење и физички интегритет. Своите размислувања тој ги насочи посебно кон жените кои и денес, во многу земји, се сметаат за граѓани од втор ред или се изложени на насилство и злоупотреба и им се ускратува можноста за образование, работа, изразување на нивните таленти, пристап до здравствена заштита, па дури и храна.
Жените можат да го дадат својот незаменлив придонес во општествениот живот и да бидат првите сојузници на мирот.
„Не“ за абортусот
За мирот е потребна и заштита на животот, тоа добро што е загрозено, пречесто дури и во мајчината утроба, наведувајќи го наводното право на абортус – рече папата Фрањо и нагласи дека никој не може да полага право по животот на друго суштество, особено ако тоа е беспомошно и со тоа лишено од сите одбранбени опции. Затоа ги охрабри сите луѓе да застанат во одбрана на правата на најслабите и да е искорени културата на отфрлање која за жал ги погодува и болните, инвалидите и старите лица.
Во основата на ова – според зборовите на Папата – е „стравот“ од животот, истиот тој што го поттикнува стравот при создавање семејство и раѓање деца. Стравовите наоѓаат основа во незнаењето и предрасудите, кои лесно се претворат во конфликти.
Образованието е противотров на стравот
Лекот за тоа е образованието. Неприфатливо е дел од населението да биде исклучено од образованието, како што им се случува на Авганистанките. Затоа Папата упати силен апел до државите да имаат храброст и да ја сменат несоодветната и асиметрична врска меѓу јавните трошоци резервирани за образование и средствата наменети за вооружување.
Верска слобода
Светиот Отец подеднакво силно го поттикна општото признавање на верската слобода, бидејќи – како што рече – загрижува тоа што има луѓе кои се прогонувани само затоа што јавно ја исповедаат својата вера. Ова се случува и во земјите каде што христијаните не се малцинство.
Верската слобода, која не може да се сведе само на слободата на богослужба, е еден од минималните услови неопходни за достоинствен живот, а владите се должни да ја заштитат и да му гарантираат на секој човек, во согласност со општото добро, можноста за постапување во согласност со сопствената совест, и тоа на подрачјето на јавниот живот и во вршењето на сопствената професија.
Верата е всушност вистинска можност за дијалог и средба меѓу различните народи и култури – рече папата Фрањо потсетувајќи на Документот за човечко братство потпишан во 2019 година во Абу Даби.
Идеолошка колонизација и едноумие
Заедно можеме да направиме многу добро – напомена Светиот Отец и истакна дека, сепак, во последно време се појавува зголемена поларизација и обиди да се наметне една мисла, што го оневозможува дијалогот и ги маргинализира оние што размислуваат поинаку. Ова создава опасност од девијација што сè повеќе го добива лицето на идеолошкиот тоталитаризам, кој, како што рече, промовира нетрпеливост кон оние кои не се согласуваат со наводните ставови за „напредокот“, што всушност се чини дека доведува до општ пад на човештвото, покрај повредата на слободата на мислата и совеста. Тоа е она што во минатото папата Фрањо го нарече облици на идеолошка колонизација. Во врска со ова, тој ги спомна и драмите на домородните народи, кои можеше лично да ги почувствува за време на неговото патување во Канада, во јули минатата година.
Помош на мигрантите
На крајот, Папата поттикна солидарност, и тоа заедничка бидејќи, како што нѐ научи пандемијата, никој не може сам да се спаси. Живееме во свет кој е толку поврзан што сечии постапки имаат последици за секого – рече тој, а при тоа посебно поттикна поголема и усмерена посветеност по прашањето за миграцијата.
Вратете го достоинството на работата и застанете во одбрана на заеднички дом
Дополнително, Папата побара да се врати достоинството на претпријатијата и работата, борбата против секој облик на експлоатација што завршува со третирање на работниците како стока, и дека сите ние повеќе да се залагаме за нашиот заеднички дом, имајќи ги предвид ефектите од климатските промени кои предизвикуваат уништување, како што се случи во Пакистан.
Ватикан њуз/к.мк