Папата се сретна со Владимир Путин

Папата Фрањо во среда 10 јуни го прими во аудиенција во Ватикан, рускиот претседател Владимир Путин. „Средбата од приватен карактер се одржа во Апостолската библиотека и траеше околу 50 минути“, изјави директорот на ватиканската прес служба отец Федерико Ломбарди.

„Како што се очекуваше, разговорот беше воден во контекст на меѓународната ситуација и беше посветено внимание главно на конфликтот во Украина и ситуацијата на Блискиот Исток“, информира отец Ломбарди. „За ситуацијата во Украина, Светиот Отец ја потврди потребата од искрени и големи напори за постигнување на мирот, како и важноста за изградба на атмосфера на дијалог, а сите земји да се заложат за спроведување на договорите од Минск. Суштински се исто така и напорите за задоволување на хуманитарната ситуација, со гарантиран пристап на хуманитарните претставници и со придонес на сите страни во постепено разведрување во регионот“.

„За конфликтите на Блискиот Исток, на територијата на Сирија и Ирак, беше потврдено заедничкиот став за итната потреба од мир со конкретно учество на меѓународната заедница, како би се гарантирале основните услови за живот на сите општествени чинители, вклучувајќи ги верските малцинства, поточно христијаните“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот