Папата се сретна со верските водачи од Кореја

Папата се сретна со верските водачи од Кореја

По повод доаѓањето на членовите на Корејскиот совет на верски водачи на поклоничко патување во Ватикан, Светиот Отец ги прими на 2 септември 2017 година, при што по срдечното добредојде и воведните зборови им се обрати со пригоден говор.

Говорот го пренесуваме во целост...

Драги пријатели од Корејскиот совет на верски водачи, драго ми е што на ова средба можам да ви искажам добредојде. Поминавте долг пат за да дојдете во Рим, на своето меѓурелигиско поклоничко патување и ви благодарам за вашето присуство овде. Благодарен сум на надбискупот Ким Хи-Јонг што ја предложи оваа посета и за неговите љубезни зборови. Како што кажав во Сеул: „Животот е патување, долго патување, но патување кое не можеме да го оствариме сами. Треба да одиме заедно со браќата и сестрите во присуството Божјо (На средбата со верските водачи, 18 август 2014 година). Еве денес преземаме уште еден чекор на тоа патување!

Како што знаете, посебно од Вториот ватикански собор, Католичката Црква неуморно се става на често предизвикувачкиот пат на дијалогот. Црквата на посебен начин поттикна дијалог со следбениците на другите религии. И денес исто така „ги поттикнува своите синови и ќерки… со внимание и љубов… да ги признаат, сочуваат и поттикнуваат духовните и моралните вредности меѓу нив, заедно со нивниот општествен живот и култура“ (Nostra Aetate, 2).

Бидејќи меѓурелигискиот дијалог се состои од контакти, средби и соработка, тоа за Бог е скапоцено и пријатно дело – предизвик насочен кон општото добро и мирот. Таквиот дијалог мора секогаш да биде отворен и исполнет со почитување, ако сакаме да биде плоден. Отворен односно топол и искрен, што ги носи луѓето кои сакаат да одат заедно во (меѓусебно) почитување и чесност. Исполнет со почитување, затоа што взаемното почитување истовремено и услов и цел за меѓурелигискиот дијалог: колку повеќе се почитува правото на живот, телесниот интегритет и основните слободи, како оние како што се: слободата на совест, религија, мислење и изразување, така да се стави темелот за градење на мирот, за кој секој од нас е повикан да се моли и да се залага.

Светот нас нѐ гледа; бара од нас заеднички да соработуваме со сите луѓе со добра волја. Светот нѐ гледа и очекува одговори и заедничка посветеност во решавањето на разните проблеми: како светоста и достоинството на човечката личност, прашањето за гладот и сиромаштвото кое сѐ уште погодува премногу народи, отфрлањето на насилството – посебно насилството кое го осквернува Божјото име и осквернува религијата; корупцијата која предизвикува неправда, морално пропаѓање и кризата во семејството, економијата и – она најважното – проблемот со кризата за надеж.

Затоа пред нас е долг пат кој треба да се преземе со понизност и упорност – не само со подигнување на својот глас, туку со „засукување на ракавите“ за да сееме надеж во иднина во која човештвото станува похумано; иднина која го слуша крикот на многумина кои ја отфрлаат војната и бараат поголема хармонија меѓу поединците и заедниците, меѓу народите и државите. Верските водачи затоа се повикани да започнат и да ги следат процесите во корист на благосостојбата и помирувањето на сите луѓе: повикани сме да бидеме гласници на мирот, навестувајќи и овоплотувајќи го стилот на ненасилство и мир, со јасно поразлична реторика од реториката на стравот и со гестови спротивни на реториката на омразата.

Драги пријатели, нека ова средба на нашето патување нѐ зацврсти. Гледајќи ве вас овде како поклоници, се сетив на сопственото поклоничко патување во прекрасната Кореја, заради што останувам благодарен на Бог и на саканиот корејски народ. Постојано се молам Бог да ги дарува со дарот на мирот и братското помирување. Нека свеста за пријателство и добрите работи кои сме ги примиле едни од други, ни дадат сила – со Божја помош – заедно да чекориме напред. Ви благодарам.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот