Папата: Сиромаштвото е кревкост што најпрво се соединува со Бога

Папата: Сиромаштвото е кревкост што најпрво се соединува со Бога

Откако ги прими монасите Цистерцијци, собрани во Генерално собрание, Папата зборуваше за важноста да се следи Исус во заедницата, секој со својот чекор, отворајќи се и излегувајќи во пресрет на другите: да не дозволиме злото да ни ја украде надежта.

Заедно да одиме зад Исус за да бидеме со него, да го слушаме, да му бидеме послушни – е повикот, кој папата Фрањо го упати до Цистерцијците, примајќи ги во понеделник 17 октомври 2022 година во Апостолската палата по повод нивното Генерално собрание. Станува збор за одење, кое секој треба да го оди со својот чекор, со своја единствена и неповторлива историја, но заедно, во заедница – прецизира Светиот Отец – како што правеа Дванаесетте кои секогаш беа со Исус и одеа со него. Тие не се избираа еден со друг, туку беа избрани и не беше секогаш лесно да се сложуваат; тие беа различни едни од други, секој со свои маани и своја гордост – забележа Папата.

И ние сме такви, и не ни е лесно да одиме заедно во заедништво – додаде Папата. Сепак, овој примен дар никогаш не престанува да нè восхитува и воодушевува: да бидеме негова заедница, какви што сме, несовршени, нееднолични, такви кави што сме, повикани, вклучени, повикани да бидеме и да одиме заедно зад Него, нашиот Учител и Господ.

Да се отвориме кон другите и да одиме соединети во Црквата

Папата тоа го нарече „заедничка послушност кон Христос“ и објасни дека тоа бара постојана посветеност во преобраќањето, и тоа отворајќи се и излегувајќи во пресрет на другите. Ова важи и за заедницата која не смее да биде самореферентна, туку екстровертна, гостопримлива и мисионерска. Треба да му се заблагодариме и на Светиот Дух кој на овој начин буди голема разновидност на харизми и форми на живот, голема „симфонија“ што е можна таму каде што нема хаотично движење, без одреден ред, туку каде што се оди заедно, сите усогласени во едното срце на Црквата, а тоа е љубовта. Нема заедништво без преобраќање, а тоа е неопходен плод на крстот Христов и дејството на Духот, како кај поединците, така и во заедницата – истакна римскиот бискуп.

Мисионерски дух кој ја цени различноста

Цистерцијците кои исто така ја ценат комплементарноста меѓу мажите и жените, како и културните разлики меѓу азиските, африканските, латиноамериканските, северноамериканските и европските членови, Папата го изрази своето задоволство и им се заблагодари на монасите за нивната посветеност во оваа насока. Искуството на соочување со различностите денес е знак на времето. Вашиот придонес е драгоцен, посебно богат – рече Папата – затоа што, поради вашиот контемплативен повик, не се задоволувате со спојување на различностите на површно ниво; ги живеете на внатрешно ниво, молитва, духовен дијалог. Ова, пак, ја збогатува „симфонијата“ со подлабоки и погенеративни одгласи.

Посиромашни за да бидете подостапни на Бога

На крајот, папата Фрањо ја поттикна намерата на монасите во смисла на поголемо сиромаштво, во духот и во добрата, за да бидат подостапни на Господа, со сите свои силни и слаби страни, повикувајќи да го слават Бога за староста и за младоста, за болестите и за доброто здравје, за заедниците кои се – како што рече – „во есен“ и оние што се „во пролет“. Истовремено, тој истакна дека е важно да не дозволиме Злиот да ни ја украде надежта. Надеж која е полна со евангелско сиромаштво, како што нè учи Исус во својот говор за блаженствата: Блажени сте вие, сиромашните: Ваше е царството Божјо!“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот