Папата се осврна на апостолската посета на Сараево

Вчера бев во Сараево во Босна и Херцеговина како ходочасник на мирот и надежта – рече Светиот Отец на пладневен наговор во недела 7 јуни 2015 година, објаснувајќи дека поттикна на продолжување на духовната и моралната обнова на општеството.

Сараево е град – симбол. Со векови бил место на соживот на народи и религии, така што е наречен „Ерусалим на западот“.Во блиското минато станал симбол за воено уништување. Сега е во тек прекрасен процес на помирување и пред сè затоа отидов: за да поддржам мирен соживот на различните народи; тој е напорен, тежок, но возможен пат! И добро им оди.

Благодарам на властите и на сите граѓани за топлото прифаќање. Благодарам на католичката заедница на која сакав да и ја донесам љубовта на општата Црква. Исто така посебно благодарам на сите верници – православни, муслимани, евреи и другите верски малцинства. Ги ценам настојувањата околу соработката и солидарноста меѓу тие луѓе од различни вероисповеди, ги поттикнувам да ја продолжат работата околу духовната и моралната обнова на општеството. Работат заедно како вистински браќа. Нека Господ го благослови Сараево и Босна и Херцеговина – рече Папата.

Пред молитвата Ангел Господов Светиот Отец истакна дека денес во многу земји се слави празникот на Пресветата Евхаристија. Последната вечера е синтезата на Исусовиот живот кој е предаден за спасение на целото човештво и затоа како што рече Папата не е доволно само да се признае дека во Евхаристијата е присутен Исус, туку во Неа да се види животот кој е предаден и во него да се учествува.

Папата Фрањо понатаму рече дека Христос Кој нè храни во посветениот леб и вино, истиот Оној Кој ни доаѓа во пресрет во секојдневните настани; во сиромавиот кој ни пружи рака, во патникот кој моли за помош, во братот кој ја бара нашата подготвеност и го очекува нашето прифаќање; во детето кое ништо не знае за Исус, за спасението; кое нема вера – во секое човечко битие вклучувајќи ги и најмалите и незаштитените.

Евхаристијата извор на љубовта за живот на Црквата е училиште на љубовта и солидарноста. Кој се храни со неа не може да остане рамнодушен пред оние кои го немаат лебот насушен – нагласи Светиот Отец. На крајот потсети дека во петок се слави Пресвето Срце Исусово, а воедно и Светскиот ден на борбата против детскиот труд. Многу деца во светот не се слободни за да си играат, да одат во училиште и се злоупотребуваат како работна сила – рече Папата, поттикнувајќи ја меѓународната заедница на промовирање на правата на децата.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот