Папата во своето пладневно обраќање ја изрази својата близина со жителите на Куба и Флорида кои беа погодени од силен ураган. Покрај тоа, се моли и за оние кои ги загубија животите на стадионот во Маланг, Индонезија.
По молитвата Ангел Господов во недела 2 октомври 2022 година, папата Фрањо ги спомена жртвите на ураганот Иан, кој прво ја погоди Куба, а потоа и Флорида, и ги вети своите молитви за загинатите и ранетите во трагедијата на стадионот во Маланг, Индонезија.
Близок сум со народот на Куба и Флорида, кои беа погодени од силниот ураган – рече Папата, ветувајќи ги своите молитви за оние области опустошени од еден од најмоќните урагани што ги погоди САД во последните 10 години и додаде: Господ да ги прими жртвите, да им даде утеха и надеж на оние кои страдаат и да ја поттикне солидарноста.
Светиот Отец се помоли и за жртвите од трагедијата што се случи на стадионот во градот Маланг, во Индонезија.
Молам – рече папата Фрањо – за сите што ги загубија животите или беа повредени во судирите што избија по фудбалскиот натпревар во Маланг, Индонезија. Имено, навивачите предизвикаа тепачка на крајот од натпреварот, а во настанатата гужва животот го загубија скоро 200 луѓе.
Папата Фрањо се осврна и на иницијативата „Уметност и вера“ во чии рамки во недела 2 октомври 2022 година ќе се одржи проекција на фасадата на базиликата Свети Петар.
Вечерва на фасадата на базиликата Свети Петар ќе има проекција на аудиовизуелно дело за ликот на апостол Петар. Проекциите ќе се повторуваат секоја вечер до 16 октомври од 21.00 до 23.00 часот. Им благодарам на сите што работеа на оваа иницијатива, со која започнува пасторалното патување посветено на Свети Петар и неговото послание – рече Папата.
Ватикан њуз/к.мк