Во интервјуто кое папата Фрањо го даде на новинарката Лорена Бjаначети во посебната емисија на програмата „A Sua immagine“ (На Негова слика), зборува за различни теми: за драмата со војната, не само во Украина, за улогата на жената, прашањето за бегалците, пандемијата, за световноста во Црквата, но и за важноста на простувањето и надежта на христијанскиот пат.
Тишината е звукот на Велики Петок, посебно кога отчукува одреден час, три часот попладне, моментот кога Синот Божји умира на крстот. Тишината исто така е вистински збор за моментот на болка, таа која дава простор на оној кој е во солзи. Три часот попладне е патоказ кој го режира интервјуто насловено „Надежта под опсада“ емитувано на првата програма на италијанската телевизија кое папата Фрањо го даде на новинарката Лорена Бјанчети водителка на емисијата насловена „A Sua immagine“ (На Негова слика.).
Говорот за тишината е посебен силен дел од разговорот кога Папата вели: „Една од работите кои ги научив е да не зборувам кога некој страда“, „треба да се молиме за милоста на плачот.“ Со маката Господова денес се поврзуваат болните патишта по кои одат бројни недолжни луѓе. Луѓе гинат од војната. Не е потресена само Украина од трагедијата на конфликтот – истакна Папата. Насекаде одекнува оружјето, „светот е во војна“ – рече и спомна само некои од ситуациите кои крварат повеќе подрачја на планетата меѓу кои Сирија, Јемен, драмата на етничките групи Рохинга кои се протерани, без татковина, и геноцидот во Руанда пред 25 години. Станува збор за свет кој го избра планот на Каин да го убива својот брат – објасни Папата.
Со ѓаволот не се разговара затоа што тој е апсолутно зло. Се разговара со луѓе погодени од „болеста на омразата“ – рече папата Фрањо. Сите имаме нешто добро во себе; тоа е Божјиот печат во нас. Господ секогаш настојува да нѐ спаси до крај затоа што во секој човек посеал нешто добро.
Ѓаволот не е мит, туку реалност. Верувам во тоа – истакна Папата. Ѓаволот е заводник; во гревот прикажува нешто убаво и води во грев. Гревовите да се грди, да немаат ништо убаво, никој не би грешел. Има такви кои војуваат, кои уништуваат туѓи животи, оние кои ги искористуват луѓето на работа – рече и истакна, искористувањето исто така е војна. И тоа уништува, не само со тенкови. Ѓаволот секогаш бара уништување затоа што човекот е слика Божја.
Осврнувајќи се на зборовите на рускиот писател Достоевски, кои ги цитираше новинарката: „Битката помеѓу Бог и ѓаволот е токму човечкото срце,“ Папата кажа дека заради тоа е потребна благост, понизност на Бог да му кажеме: грешник сум, но спаси ме, помогни ми! (…).
Новинарката потоа се присети на една драматична сцена од војната во Украина – родители кои брзаат во болница со детето рането во бомбардирањата, а кое не било можно да се спаси, и на прашањето што може да им каже на родителите кои го поминуваат низ мачно искуство на загубата на детето, папата Фрањо рече дека една од работите кои ги научил е да не зборува кога некој страда. Во соочувањето со болката, истакна два пата: молчење и солзи. Треба да се молиме за милоста на солзите – истакна, пред нашите слабости, пред слабостите и трагедиите на светот.
Одговарајќи на прашањето колку е важна активната улога на жената во конкретното градење на мирот, Папата кажа дека жените се силни. Исус е Свршеник на Црквата, а Црквата е жена. Мајката е способна да ги придружува децата до крајот. Како Марија и жените под крстот. Жените знаат што значи да се подготвиш за живот и што за смрт. Под крстот учениците бегаат. Меѓутоа не бегаат жените кои го следеле во текот на целиот живот. Исус на патот до Голгота, застанува пред група жени. Тие се способни да плачат – рече Папата.
Говореше за бегалците кои заради војната бегаат од Украина, но и за оние кои бегаат од другите краишта на светот. Бегалците и понатаму се делат на категории. Прв ред, втор ред и според бојата на кожата – рече Светиот Отец и истакна, ние сме расисти, а тоа е лошо. И Исус бил мигрант и бегалец во Египет, додека бил дете, за да избегне смрт.
Мислите на Папата тогаш повторно се вратија на Голгота. На крстот луѓето се камшикувани од војната во африканските земји, на Блискиот Исток, во Латинска Америка, во Азија – напомена Светиот Отец. Многу сокриени војни, далеку од нас. Но, војната е монструозност! Иако не недостасува напор за да се замолчи оружјето. Се зборува за мирот. Обединетите нации направија сѐ, но не успеаа – истакна Папата.
Листајќи ги страниците на Евангелието, Светиот Отец потоа спомна една жена: Жената на Пилат, која на сопругот му кажува: Не прави му ништо на тој праведник. Но Пилат не ја слуша. Таа жена од далеку ја сфаќа драмата. Моќта е способна да го промени мислењето на луѓето од недела до петок. „Осана“ во недела, во петок „Распни го“. Тоа е лебот наш насушен – рече папата Фрањо, затоа се потребни жените за да алармираат.
Папата потоа се потсети на вонредниот момент на молитва на 27 март 2020 година пред базиликата Свети Петар и кажа дека не знаел дека плоштадот ќе биде празен. Тоа беше порака на Господ за добро да ја сфати осаменоста – напомена. Има многу осаменост. Осаменост на старите лица, осаменост на младите кои ги оставаме сами. Освен тоа, мудроста на старите кои често ги занемаруваме и ги оставаме на страна во дом за стари лица. Но и осаменоста на луѓе кои минуваат низ лична трагедија, осаменоста на жените кои мажот ги тепа. Сите чувствуваме осаменост. Малите осамености кои се тука, но во нив можеме да ја сфатиме Исусовата осаменост, осаменоста на крстот.
На прашањето дали некогаш се почувствувал сам во извршувањето на својата служба, Папата истакна дека никогаш не се почувствувал сам. Бог – како што рече, бил добар кон мене. Бил многу великодушен. Можеби затоа што Он знае дека сам не сум во состојба.
Осврнувајќи се на некои рани кои ја погодуваат и Црквата, Папата рече дека духот на световноста е она што денес најмногу боли. Се храни и расте од парите. Кога ќе падне во световниот дух, Црквата е поразена – истакна и напомена дека е добро да се искористат парите за правење добро, за издржување на семејството со работа, за служење. Притоа напомена дека секое утро упатува молитва до свети Михаел арахангел за да му помогне да го победи ѓаволот. Се плашам – рече, затоа што морам толку да се бранам.
На Велики Петок, Папата се обрати и до срцето на секој човек. Пред распнатиот Исус, дозволи да ти го допре срцето, дозволи да ти зборува со своето молчење и болка – рече. Нека ти зборува на оние луѓе кои страдаат во светот, кои страдат заради глад, војна, искористувањето… И го моли за милоста на солзите.
Како да им простиме на сите луѓе кои нѐ навредуваат, кои убиваат недолжни, кои навредуваат не само физички, туку и психички? На тоа прашање Папата одговори истакнувајќи дека прошката има божествен корен. Ако не сум го направил тоа зло, тоа е затоа што Он ме запрел со својата рака, со своето милосрдие. Заради тоа не можа да осудам некого кој доаѓа да бара прошка.
Дел од разговорот беше посветен на луѓето кои исто така заради пандемијата на болеста КОВИД-19 ја загубија работата. Клучниот збор е надеж – истакна папата Фрањо. Надежта никогаш не разочарува, но потребно е да се чека. Да имаш надеж не значи да се залажуваш и не значи да дадеш да ви читаат од дланка. Напротив, надежта е сидро, сигурност кое не треба да се меша со оптимизот. Да имаш надеж значи да одиш кон животот.
Интервјуто завршува со желбата на папата Фрањо за Велигден. Мојата желба е да не ја загубиме надежта. Вистинската надеж која не разочарува, и да молиме за милоста на солзите, но солзите на радоста, утехата, солзите на надежта. Да го молиме Петар да нѐ научи да плачеме како него.
Ватикан њуз/к.мк