Папата: Сведочете и навестувајте ја радоста на семејството
„Сликата на семејството – такво какво што го сака Бог, составено од маж и жена со поглед кон доброто на сопружниците, но исто така и кон поколението и воспитувањето на децата – е деформирана преку највлијателните спротивни проекти на семејството поддржани од идеолошката колонизација“
Ова го истакна папата Фрањо во својот говор пред учесниците на светската средба, која се одржува во Рим по иницијатива на црковното движење „Групите на Дева Марија“ (Équipes Notre-Dame). Лаичкото движење е основано во Франција во 1938 година, а целта му е да ја промовира брачната духовност. Во своето обраќање Папата во неколку наврати ја истакна важноста од мисионерската работа на сопружниците, членови на движењето.
„Оваа средба, која имам радоста да ја доживеам со вас претходи неколку недели на Епископската синода, која ќе се одржи во Рим, за да може Црквата да размислува со поголемо внимание над она што го живеат семејствата како живи клетки на нашите општества и Црквата, кои често се соочуваат со овој тежок културен контекст“, рече Папата Фрањо.
Осврнувајќи се на мисионерската улога на движењето, Папата истакна: „Христијанските брачни парови и семејства често се во идеални услови да Го навестуваат Исус на другите семејства, да ги поддржат, зајакнуваат и охрабруваат“.
„Она што го живеете во брачната двојка и во семејството, радоста, која Господ ве тера да ја доживувате во домашната атмосфера и близина, меѓу убавините и болките во среќата од присуството на вашиот сопруг или сопруга, во растот на вашите децата, во човечката и духовна плодност, која Бог ви ја дарува, сето тоа треба да се сведочи, проповеда и пренесува, за да можат другите, за возврат да тргнат по тој пат“, ги охрабри Папата членовите на движењето.
Папата потсети и на „конкретните предлози на ангажманот“ на духовноста на брачните парови, членови на движењето: молитвата во семејството, месечен дијалог меѓу сопружниците, учество во животот на групите. „Едно среќно, избалансирано, исполнето со Божјото присуство, семејство зборува само по себе за љубовта на Бог кон сите луѓе“, истакна папата Фрањо. Оттука и неговиот упорен повик до семејствата, „да се ангажираат, каде што е можно, на еден уште поконкретен начин и секогаш со обновена креативност во активностите, кои можат да бидат организирани за прифаќање, формирање и придружување во верата на младите брачни двојки пред и по бракот“.
Светиот Отец ги охрабри сопружниците од „Групите на Дева Марија“ да застанат поблиску до бројните „повредени семејства поради недостаток на работа, сиромаштијата, недостатокот на здравје, загубата на близок човек, загриженоста за децата, нерамномерноста предизвикана од недостаток или оддалеченост на едниот од сопружниците“. Папата сака од нив храброст за да влезат во контакт со оние семејства на дискретен, но великодушен начин, материјално, хумано и духовно“.
РВ/В.Н.