Папата разговараше телефонски со парохискиот свештеник од Газа

Папата разговараше телефонски со парохискиот свештеник од Газа

Состојбата во Газа останува напната и драматична, откако израелската армија започна нов копнен напад врз градот. Во овој контекст, папата Лав XIV ја изрази својата загриженост и близина со локалната католичка заедница преку телефонски разговор со парохискиот свештеник на црквата „Свето семејство“ во Газа, отец Габриел Романели.

Разговорот се одржал во вторник наутро, 16 септмеври 2025 година, во Кастел Гандолфо. Според соопштението на Ватикан, Светиот Отец сакал лично да се информира за состојбата на луѓето кои нашле прибежиште во парохијата. Таму моментално се засолнети околу 450 лица, меѓу кои има деца, стари и болни.

Папата ја изрази својата „загриженост и молитви“ за сите што побарале засолниште во црквата. И покрај постојаното гранатирање, парохијата продолжува да обезбедува храна, вода, лекови и да го одржува молитвениот живот, особено за децата и младите.

Парохискиот свештеник изјави дека денешниот телефонски повик е „благослов“ и „голема радост“, додавајќи дека целата заедница непрестајно се моли за мир. Да потсетиме, отец Романели и самиот беше повреден при израелски напад во јуни.

Телефонските повици до Газа не се ништо ново: праксата започнала со папата Фрањо, кој редовно се јавувал на локалниот свештеник. Лав XIV ја продолжил оваа пракса, комбинирајќи ги своите јавни апели за мир со знаци на лична близина.

Самиот отец Романели сподели на социјалните мрежи видео снимено за време на света Литургија, каде што бучавата од бомбардирањата ја прекинува молитвата. И покрај стравот и напнатоста, верниците продолжуваат да се молат, сведочејќи за својата надеж и доверба во Бога.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот