Папата прими воз полн со деца
Ватикан, 24.6.2013 /к.мк/ – Веднаш по завршувањето на молитвата Ангел Господов папата Фрањо во недела 23 јуни се упати на Ватиканската железничка станица каде се сретна со повеќе од 300 деца кои со воз пристигнаа од Милано. Станува збор, една група деца со посебни потреби и група деца со пореметувања во однесувањето, поголемиот дел членови на семејства доселени во Италија. Некои од нив живеат во семејни куќи, односно одговорна заедница која го надоместува природното семејство, а некои во посебни установи и здруженија. Тој потфат наречен „Детски воз: патување низ убавините”, е дел од случувањата посветени на децата во рамките на „Предворје на народите“, активност на Папскиот совет за култура.
На сите деца им е потребна милост, но на овие можеби повеќе од другите – овие зборови ги кажа една воспитувачка додека чекаа да пристигне Светиот Отец, добро го одразуваат расположението кое владееше на Ватиканската железничка станица. Штом пристигна, папата Фрањо веднаш беше опкружен од десетици мали патници, со кои веднаш воспостави жив разговор. Изгледаше како парох кој се шали со своите мали парохјани, јави Радио Ватикан.
Децата, кои доаѓаат од повеќе италијански градови, но се од најразлични земји, на Светиот Отец му подарија цртежи и изработки кои ги направиле во првиот дел од тоа патување, а кое опфати посета на катедралите во нивните градови, како преку игра би ја запознале историјата и уметноста.
„Детскиот воз”, кој за првпат во историјата ги донесе посетителите на Ватиканската железничка станица кои доаѓаат да го поздрават Папата, беше навистина единствено патување – како што истакна во разговорот за Радио Ватикан Мауро Морети, претставник на Италијанската железница. Воз со толку деца, тоа не беше се случило. Сме имале бројни личности, Папи и претседатели на држави, но мислам дека ова денешно патување беше поубаво и поважно, бидејќи тоа се деца, и тоа некои со големи животни проблеми, кои денес имаа ден полн со светлост… Би рекол дека тоа е воз на надеж и љубов, додаде Морети. (Б.У)