Папата пред турскиот Дијанет: Верските водачи имаат должност да го осудат кршењето на човечките права

По средбата со турските власти, а потоа и со турскиот премиер, Светиот Отец на 28 ноември во Анкара ја посети Управата за верски работи на Република Турција (Дијанет), каде што се сретна со политички и верски водачи, муслимански и христијански и тоа по патеката на Бенедикт XVI кој – како што потсети папата Фрањо – на истото место бил во ноември 2006 година.

Добрите односи и дијалогот меѓу верските водачи е пораката упатена на нивните заедници, да се заземаат за почит и пријателство кои се возможни и покрај разликите – истакна Светиот Отец и напомена дека таа порака има посебно значање и важност во време на криза како што е нашата, која во некои подрачја во светот се претвора во вистинска драма за сите народи. Спомнувајќи ги војните кои сеат жртви и уништување, меѓуетнички и меѓурелигиски тензии и конфликти, гладот и сиромаштвото, од кои се погодени стотина милиони луѓе и предизвикуваат штета на околината, воздухот, водата и земјата, папата Фрањо ја истакна – како што рече – навистина трагичната состојба на Блискиот Исток, а посебно во Ирак и Сирија.

Насилството ги погодува и верските објекти, спомениците, верските симболи и културното наследство, како да се сака да се избрише секој белег, секој спомен на другиот – рече Папата. Како верски водачи – додаде – должни сме да ја пријавиме секоја повреда на достоинството и човековите права. Човечкиот живот е дар од Бог Создателот, има свето обележје. Заради тоа насилствата кои бараат верско оправдување заслужуват најсилна осуда, бидејќи Семоќниот Бог е живот и мир. Од сите оние кои велат дека го чествуваат, светот очекува да бидат мажи и жени на мирот, способни да живеат како браќа и сестри и покрај етничките, верските, културните или идеолошките разлики – рече папата Фрањо.

Меѓутоа, потребно е исто така заедничко заземање за да се пронајде соодветно решение, а тоа – според зборовите на Папата – бара соработка од сите страни: влади, политички и верски водачи, преставници на граѓанското општество и сите мажи и жени со добра волја. И посебно одговорните во верските заедници можат да дадат вреден придонес на вредностите присутни во нивните традиции.

Ние, муслиманите и христијаните, сме чувари на непроценливо духовно богатство – рече папата Фрањо – во кое ги препознаваме заедничките фактори иако ги живееме според сопствената традиција, на пример поклонувањето на милосрдниот Бог, молитвата, милостината, постот… тоа се фактори кои ако се живеат искрено можат да го преобразат животот и да постават сигурен темел за достоинството и братството на луѓето. Да го признаеш и да го развиваш тоа духовно заедништво – по пат на меѓурелигиски дијалог – ни помага исто така да ги промовираме и штитиме во општеството моралните вредности, мирот и слободата – рече папата Фрањо.

Напоменувајќи потоа дека заедничкото признавање на светоста на човечкото битие поддржува заедничко сочувство, солидарност и ефикасна помош кон оние кои трпат, Светиот Отец изрази посебна благодарност за сè што турскиот народ, муслиманите и христијаните прават за стотина илјади луѓе кои заради конфликтите бегаат од своите земји. Тој пример треба да се охрабри и поддржи – рече и изрази задоволство заради добрите односи и соработката помеѓу Управата за верски работи на Република Турција и Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог. Се надевам дека тоа ќе продолжи и ќе се зацврсти и тоа за доброто на сите луѓе, бидејќи секое вложување за вистински дијалог е знак на надеж за светот на кој му се потребни мирот, сигурноста и благосостојбата – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот