Папата поттикнува на молитва за звања
За звања треба да се моли Бог: да испрати свештеници и чесни сестри чие срце е само за Него, слободно од идолопоклонството на суета, власт и пари – поттикна папата Фрањо на светата Литургија на 3 март во капелата на домот Света Марта.
Осврнувајќи се на делот од Евангелието, кое говори за интересот на богатиот за вечниот живот, Папата рече дека богатиот искрено сакал да ги слушне Исусовите зборови: бил добар, од младоста ги запазувал заповедите. Добар човек, но, сакал нешто повеќе. Светиот Дух на тоа го поттикнувал. Исус благонаклонето го гледа и му предлага: „Продај сѐ што имаш, дојди и врви по Мене.“ А тој слушајќи ги тие зборови се намурти и си отидие затоа што поседувал многу добра – коментираше Папата.
Неговото срце било немирно, затоа што Светиот Дух го повикува да се приближи на Исус и да го следи; и тоа било исполнето, а тој не бил доволно храбар за да го испразни. Ги избрал парите. Срце полно со пари… Не бил ниту крадец, ниту лош. Бил добар човек и никогаш ништо не украл. Никогаш не лажел и правично ги заработувал парите, но срцето му било оковано со парите; било приврзано на парите и не можел слободно да избира: наместо Исус ги избрал парите – истакна Светиот Отец.
Колку млади – продолжи Папата – во своето срце чувствуваат повик за да се приближат до Исус и се воодушевени; не се срамат да паднат ничкум пред Него и јавно да ја покажат својата вера во Исус Христос; сакаат да го следат,… но, ако срцето им е исполнето со други работи и не се осмелуваат да го испразнат, тогаш бегаат. Тогаш нивната радост се преобразува во жалост… И денес многу млади се повикани, но како нешто да им пречи за да одговорат – рече папата Фрањо.
Треба да молиме срцето на тие млади да може да се испразни, да се ослободи од другите интереси и другите љубови; да стане слободно:… Господи, испрати ни чесни сестри, свештеници и чувај ги од идолопоклонството на суета, гордост, моќ, пари. Да се молиме Бог да ги подготви тие срца за да можат да го следат од блиску – рече Папата.
Човекот од Евангелието – рече Папата – бил многу добар и среќен. Денес има многу такви млади, затоа треба искрено за нив да го молиме Бог. Да молиме вака: Помогни Господи, овие млади, да бидат слободни и да не бидат робови; срцето да им биде само за Тебе… Затоа што така може да дојде Господовиот повик и може да донесе плод. А тоа е молитвата за звања. Треба многу да молиме, но и да бидеме внимателни затоа што звања има. Треба да помогнеме тие да растат и Господ да може во тие срца да влезе и да им даде неопишлива и славна радост на човек кој го следи од блиску Исус– заврши папата Фрањо.
РВ/Д.И.