Папата: Поттикнувајте ги радосните и плодни патишта на светоста

Папата: Поттикнувајте ги радосните и плодни патишта на светоста

Примајќи ги во аудиенција „Браќата од христијанските училишта“, папа Лав XIV. ја истакна дека е важно подучувањето да се живее како „служба и послание“ со цел да им се помогне на младите да го дадат својот максимум според Божјиот план, преобразувајќи ги предизвиците на модерното време во „отскочни чекори“. Тој, исто така, охрабри „синергија“ помеѓу сите образовни чимбеници.

Светиот отец Лав XIV. во четврток, 15 мај 2025 година, ги прими на аудиенција „Браќата од христијанските училишта“, членови на монашка заедница која се занимава со католичко воспитување и образование. Повод за средбата беше 300-годишнината од одобрувањето на Друштвото и Правилата и годишнината од прогласувањето на Свети Иван Крстител де Ла Сал за „небесен покровител на сите просветители“, кој пред точно 75 години го прогласи папата Пиј XII.

„По три века, прекрасно е да се види како вашето присуство продолжува да ја носи свежината на богатата и широка образовна реалност на која сè уште, во различни делови од светот, со воодушевување, верност и дух на жртвување, се посветувате во образованието на младите“, нагласи папата Лав XIV. и ги сподели со монасите своите размислувања за внимателност кон актуелните настани и службената и мисионерската димензија на подучувањето на заедницата.

„Меѓу иновативните елементи што де ла Сал ги воведе во педагошката револуција, ја наоѓаме наставата фокусирана на часови, а не повеќе на индивидуални ученици; употребата на францускиот јазик наместо латинскиот како јазик за настава, што ја направи наставата достапна за сите; неделните часови на кои можеа да присуствуваат дури и млади луѓе принудени да работат во текот на работната недела; вклучувањето на семејствата во училишниот процес, според принципот на „образовен триаголник“, кој е сè уште актуелен и денес“, потсети Папата.

Одговарајќи на прашањето кои се најитните предизвици со кои треба да се соочиме и кои вредности треба да се промовираат во денешниот свет на младите, Папата истакна дека животот на младите од нашето време е како вулкан, со енергија, чувства и идеи. „Сепак, ним им е потребна и помош за хармонично да го развијат ова богатство и да го надминат она што може да го попречи нивниот здрав развој. Да размислиме за изолацијата поради површноста, индивидуализмот и емоционалната нестабилност; ширењето на обрасци на размислување ослабени од релативизмот; надминувањето на ритмите и начините на живот во кои нема доволно простор за слушање, размислување и дијалог – во училиште, семејство, а понекогаш и меѓу врсниците – и осаменоста како последица.“

Светиот Отец спомена уште еден аспект од ласалијанската реалност – подучувањето сфатено како служба и послание во Црквата: „Харизмата на училиштето, која ја прифаќате со четвртиот завет за учење, покрај тоа што е служба на општеството и драгоцено дело на љубовта, сè уште се отсликува и денес како еден од најубавите и најелоквентните изрази на тоа свештеничко, пророчко и царско послание, кое сите го примивме при крштевањето. Поради оваа причина, се надевам дека посветените ласалијански звања ќе растат, дека ќе ги охрабрувате и промовирате во вашите училишта и пошироко, и дека, во синергија со сите други образовни фактори, ќе придонесат за будење на радосни и плодни патишта на светост меѓу младите луѓе кои ги посетуваат“, заклучи Светиот Отец и го подели својот апостолски благослов на целото ласалијанско семејство.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот