На 27 април 2024 година, папата Фрањо во салата Павле VI учествуваше на средбата со претставници на лица од третата доба и млади на тема „Нежност и насмевка“ организирана од Фондацијата „Стара доба“ и истакна колку е важно да не се запоставуваат бабите и дедовците. Светиот Отец се присети на учењето на своите предци и раскажа како од својот дедо научил дека војната е страшна работа. Тој ги охрабри присутните да развијат различни проекти за животот со цел да ги вреднуваат сите фази од животот.
Различните генерации, различните народи и сите разлики, доколку се усогласат, можат како дијамант да го манифестираат прекрасниот сјај на човекот и целото создание, а сите баби и дедовци, постари луѓе и внуци собрани во салата Павле VI – во организација на фондацијата „Età Grande“, чиј претседател е надбискупот Винченцо Паља – според папата Фрањо, се токму тојо израз. Шест илјади луѓе собрани како дел од иницијативата „Нежност и насмевка“, претставници на постари и млади, чија цел е повторно да го хуманизираат светот и да го уништат индивидуализмот, охрабруваат – како што истакна Папата – да не се дозволи создавање на раздор и да не го урнеме дијамантот на љубовта, најубавото богатство што ни го дал Бог.
Нашето општество е полно со луѓе кои се специјализирани за многу работи, богати со знаење и ресурси кои се корисни за секого. Меѓутоа, ако нема споделување и секој мисли за себе, се губи целото богатство; уште повеќе се претвора во осиромашување на човештвото. Ова е голем ризик за нашето време: сиромаштвото на расцепканоста и себичноста.
Заедно стануваме подобри
Притоа, Папата истакна дека егоизмот нѐ осиромашува, додека љубовта нè прави подобри, побогати и помудри на секоја возраст и додаде дека верата обединува генерации. Напомена дека верата ја добил токму од баба му, дека од неа научил да го познава Исус Кој нè љуби, Кој никогаш не нè остава сами и Кој нѐ поттикнува да бидеме блиски еден до друг и никогаш никого да не отфрламе.
Само ако сме заедно, со љубов, без никого да исклучуваме, стануваме подобри, почовечни!
Развивајте програми за стари лица
„Да правиш некои работи сам“ и „да живееш како остров“ води до голема осаменост – истакна Светиот Отец. Како што се случува кога, поради културата на отфрлање, постарите луѓе остануваат сами и мора да ги поминат последните години далеку од дома и од своите најблиски.
Постарите не смееме да ги оставиме сами, тие треба да живеат во семејства, во заедница, во наклонетоста на сите. Ако не можат да живеат во своето семејство, да одиме кај нив и да бидеме блиски со нив. Да размислуваме за тоа за момент. Зарем не е многу подобар светот во кој никој не треба да се плаши дека ќе ги заврши деновите сам? Овој свет е тажен. Јасно е, тажен е. Затоа, заедно да го градиме овој свет, не само со развивање програми за помош, туку и со поттикнување на различни проекти за живот, во кои годините што минуваат не се сметаат за загуба, туку за добро што расте и збогатува секого.
Негувајте ги најважните чувства
Потоа, обраќајќи им се на внуците, им објасни дека бабите и дедовците се сеќавање на светот и затоа од нив може да се извлечат многу поуки.
Слушајте ги вашите баби и дедовци, особено кога ве учат со нивната љубов и нивното сведоштво да ги негувате најважните чувства, кои не се стекнуваат со сила, не се појавуваат со успех, туку го исполнуваат животот.
Постарите знаат да гледаат далеку
Двајца постари луѓе, Симон и Ана, го препознаа Исус кога Марија и Јосиф го доведоа во ерусалимскиот храм – додаде папата Фрањо – прифаќајќи го и сфаќајќи дека таму е присутен Бог и дека Месијата, Спасителот Кого сите го чекаат, беше присутен. Постарите се тие кои го разбираат таинството затоа што гледаат далеку, затоа што живееле многу години и имаат многу да поучат; на пример, колку е грда војната. Папата додаде дека тоа го научил од неговиот дедо, кој ја преживеал Првата светска војна.
Низ неговите приказни ми објасни дека војната е страшна работа што никогаш не треба да се случи.
Не ги маргинализирајте бабите и дедовците
Папата Фрањо потоа ги охрабри младите да не ги маргинализираат бабите и дедовците, бидејќи маргинализирањето на постарите ги расипува сите периоди од животот, а не само староста.
Научете ја мудроста од нивната силна љубов, но и од нивната кревкост, која е „школа“ која умее да поучува без зборови; вистински противотров за тврдите срца; ќе ви помогне да не заглавите во сегашноста и да уживате во животот како однос.
Да се биде заедно, баби и дедовци и внуци, постари и млади, грижејќи се еден за друг, раѓа љубов, која е здив на свеж воздух што го освежува светот и општеството, но тоа е и пораката што ни ја даде Исус на крстот, дека не сака сите како едно големо семејство.
Ватикан њуз/к.мк