Папата: Посилните нека им помагаат на послабите

Папата: Посилните нека им помагаат на послабите

Папата Фрањо во својата катехеза на Генералната аудиенција на 22 март 2017 година продолжи да зборува за крепостите на христијанската надеж. Но, кои се нејзините темели; на што се заснова христијанската надеж? Што вели за тоа папата Фрањо пренесуваме во целост…

Драги браќа и сестри, добар ден!

Веќе неколку недели апостол Павле ни помага за подобро да го разбереме тоа – во што се состои христијанската надеж. Веќе (порано, на поранешните аудиенции) зборувавме дека тоа не е оптимизам. Не, тоа е нешто друго. Денес тоа го прави „врзувајќи“ ја за два става, важни за нашиот живот и нашето искуство на верата: имено, со постојаноста и утехата. Во делот од Посланието до Римјаните кое само што го слушнавме, се спомнува два пати: прво во односот со Светото Писмо, потоа и во односот на самиот Бог. Кое е нивното длабоко и вистинско значање и на кој начин тие фрлаат светлина на реалноста (крепост, поим, предмет) на надежта?

Постојаноста можеме да ја дефинираме и како трпение: тоа е способност за поднесување, „носење на рамењата“, да се остане верен (во искушенијата), па и тогаш кога изгледа дека товарот е премногу тежок, неподнослив и кога сме во искушение на негативно осудување и напуштање (оставање) на сѐ и на сите. Утехата од друга страна е милост за „пронаоѓање“ и искажување во секоја ситуација – па и во оние, во голем дел обележани со разочарување и страдање – на Божјото присуство и сочувствително делување. Сега, свети Павле нѐ потсетува дека постојаноста и утехата на посебен начин доаѓаат од Светото Писмо, односно Библијата. Всушност, Божјото Слово на прво место ни го свртува погледот кон Исус – за подобро да го запознаеме и со Него да се поистоветиме; што повеќе да се сообразиме. На друго место, Божјото Слово ни открива дека Господ е навистина Бог на постојаноста и утехата, кој секогаш останува верен на својата љубов кон нас; односно постојан во љубовта кон нас, не се изморува да нѐ љуби; постојан е и секогаш нѐ сака дури и за нас се грижи, прекривајќи ги нашите рани со милување на својата добрина и милосрдие – односно нѐ теши, не се изморува ниту да нѐ утешува.

Според истиот аспект, се разбира исто така и почетната изјава на апостолот: „Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси.“ Овој израз ние силните, може да ни изгледа малку претенциозно, но во логиката на Евангелието знаеме дека не е така – уште повеќе токму спротивното, затоа што нашата сила не доаѓа од нас, туку од Господ. Кој во сопствениот живот ја искусува Божјата љубов и утеха, може – а и должен е – да биде во близина на најслабите браќа и да се зазема за нивната кревкост. Ако сме близу до Господ, ќе имаме сила да бидеме во близина на најслабите, на оние во потреба и нив да ги утешуваме и да им даваме сила. Тоа е значењето на кажаното… Може тоа да се направи; ние можеме тоа да го направиме без угодување на себе; чувствувајќи се едноставно „канал“ преку кој се пренесуваат Божјите дарови; и така на конкретен начин, да се стане сеач на надежта и тоа го бара Господ од нас. Со таа сила и способност за тешење ќе бидеме сеачи на надежта. А денес тоа многу е потребно… не е лесно.

Плодот на овој начин на живот не е некоја заедница во која некои припаѓаат на „класа А“ – односно силните; а останатите „класа Б“, односно слабите. Наместо тоа, плодот е – како што вели Павле –„да бидете во едносмислие помеѓу себе“. Бидејќи Тој е силен. Он е Тој кој ни дава сила; Кој ни дава трпение; кој ни дава надеж; Кој ни пружа утеха. Божјото Слово ја храни надежта која конкретно се „преведува“ во споделување; во взаемното служење.

Бидејќи дури и оној кој е „силен“, порано или подоцна ја искусува потребата за помош од другите; и обратно: во слабоста секогаш може да се понуди насмевка или рака, на братот во неволја (во тешкотија). И кога некоја заедница е таква, тогаш еднодушно, од едно грло, го слави Бог. Но, сѐ ова е можно, ако во центарот се стави Христос и Неговото Слово. Он, само Он е Тој „силен Брат“ Кој се грижи за секој од нас: сите всушност имаме потреба да нѐ стави на рамењата Добриот Пастир и да се почувствуваме згрижени од неговиот нежен и грижлив поглед.

Драги пријатели, никогаш нема доволно да му се заблагодариме на Бог за дарот на Неговото Слово, присутно во Светото Писмо. Таму Отецот Господ наш Исус Христос се објавува како Бог на постојаноста и утехата. И таму стануваме свесни за тоа колку нашата надеж не се темели на нашите способности и сили, туку на поддршката Божја и на верноста на Неговата љубов. На силата и утехата Божја.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот