За војната треба да плачеме, да помогнеме и да се преобратиме – рече Папата Фрањо на аудиенцијата, примајќи ја делегацијата на Вселенската патријаршија која пристигна во Рим по повод празникот Свети Петар и Павле и поттикна да чекорат заедно, како браќа, за да се постигне вистинско човечко братство.
Помирувањето меѓу поделените христијани, како придонес за смирување на народите во конфликт, денес е поактуелно од кога било, додека светот е вознемирен од суровата и бесмислена воена агресија во која многу христијани се борат меѓу себе – рече папата Фрањо, примајќи ја во четврток 30 јуни 2022 година делегацијата на Вселенската патријаршија која пристигна во Рим по повод празникот Свети Петар и Павле
Опиплив знак на братски дијалог
Присуството на делегацијата на вчерашната Евхаристиска прослава во базиликата Свети Петар е опиплив знак дека е надминато времето на оддалеченост и рамнодушност, во кое поделбите се сметаа за неизбежен факт. Денес, имено, – објасни Папата благодарение на „драгиот брат Вартоломеј“, вселенскиот патријарх и Светиот синод кој испрати делегација – нашите Цркви водат братски и плоден дијалог и уверливо и неотповикливо се ангажирани на патот за повторно воспоставување полно заедништво.
За војната треба да плачеме, да помогнеме и да се преобратиме
Воениот скандал не треба да се анализира, туку да се плаче, да се помогне и да се преобрати – истакна папата Фрањо. Треба да плачеме поради жртвите и преголемото крвопролевањето, поради смртта на многу невини луѓе, траумите на семејствата, градовите, цели народи; колку многу страдаат оние кои ги загубија своите најблиски и кои се принудени да го напуштат својот дом и својата татковина.
Помагањето на овие браќа и сестри е повик за милосрдие што ние, како христијани, имаме должност да го покажеме во однос на Исус мигрантот, сиромашнииот и ранетиот. Но, има и потреба од преобраќање, за да се сфати дека вооружените освојувања, експанзии и империјализми немаат никаква врска со Царството што го навестува Исус – истакна Папата.
Не го претворајте Богот на сите во Бог на вашите сопствени причини
Да си помагаме – поттикна Светиот Отец – да не дозволиме на искушението со заведувањата на светот да ја замолчиме неодоливата новост на Евангелието и да го претвориме Отецот на сите во Бог на нашите сопствени причини и на нашите сопствени народи. Поаѓаме од него за да разбереме дека повеќе не е време црковните програми да се уредуваат според логиката на моќта и погодностите на светот, туку според храброто евангелско пророштво за мирот. Со понизност и со многу молитва, но и храбро и отворено.
Да се постигне вистинско универзално братство
За сестринските цркви, народи кои се браќата, зборуваше незаборавниот вселенски патријарх Атенагора, мудар и храбар пастир, кој почина пред педесет години и понатаму, за Папата и за многумина, е извор на вдахновение. Затоа, барањето христијанско единство не е само внатрешна работа на Црквата. Ова е многу неопходен услов за остварување на вистинско универзално братство, кое се покажува во правда и солидарност со сите – рече папата Фрањо.
Одете заедно како браќа
Во таа смисла, потсети тој, знакот на надежта, на патот кон повторното воспоставување на полно заедништво, доаѓа од средбата на Координативниот комитет на Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Православните цркви, кој две години беше одложен поради пандемијата. Затоа, желбата на Папата е теолошкиот дијалог да напредува преку промовирање на нов менталитет кој, свесни за грешките од минатото, ќе нè наведе да гледаме повеќе и повеќе заедно во сегашноста и иднината, не дозволувајќи да бидеме заробени од предрасудите на другите епохи. Да не се задоволуваме со „црковната дипломатија“ за да се држиме до сопствените идеи, туку да одиме заедно како браќа; да се молиме еден за друг, да работиме еден со друг, да се поддржуваме гледајќи во Исус и неговото евангелие – поттикна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк