Папата: Божјиот начин е кроткост

Папата: Божјиот начин е кроткост

Да дојде Царството Твое!

Божјиот начин е кроткост – рече папата Фрањо во катехезата за време на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар на 6 март 2019 година и продолжи со размислувањето за молитвата „Оче наш“. Кога молиме „Оче наш“, друг повик со кој му се обраќаме на Бог е „да дојде царството Твое“ (Мт 6, 10) – рече Папата и започна да толкува, откако сме го  молеле Неговото име да биде свето, како верници изразуваме желба да се забрза доаѓањето на Неговото царство. Таа желба доаѓа, така да кажеме од самото Христово срце кое започнало да проповеда во Галилеја навестувајќи: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието“ (Мк 1, 15).

Тие зборови не се закана напротив, тие се радосно навестување и порака на радоста – рече Светиот Отец и истакна: Исус не сака да ги поттикнува луѓето да се преобратат сеејќи страв од претстојниот Божји суд или чувство на вина заради направеното зло, туку еднставно навестува. Исус ја донесува Радосната вест на спасението и поаѓајќи од неа повикува на преобраќање. Секој е повикан да верува во „Евангелието“. Божјото господство стана близу до своите деца . Исус ја навестува таа чудесна милост дека Бог Отец нè љуби, дека ни е блиску и нè поучува  да одиме по патот на светоста.

Знаците за доаѓањето на тоа Царство се многубројни и сите се позитивни – рече папата Фрањо и продолжи: Исус го започна своето служење грижејќи се за болните по тело и дух; за оние кои биле исклучени од општеството, како лепрозните; за грешниците кон кои сите гледале со презир, па и оние кои веќе поголеми грешници од нив, но се преправале дека се праведници. Исус ги нарекува лицемери. Самиот Исус покажува знаци на Царството Божјо: „слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието“ (Мт 11, 5).

„Да дојде Царството Твое!“ истрајно повторуваат христијаните кога молат Оче наш – рече Папата и додаде: Исус дојде, но светот сè уште е обележан од гревот, луѓе кои стрдаат, кои не бараат прошка и не простуваат, војни и многу облици на искористување; да се сетиме на пример на трговијата со деца. Сите тие факти се доказ дека Христовата победа сè уште целосно не се остварила. Многу луѓе сè уште живеат со затворено срце. Посебно во тие случаи на усните на христијаните се појавува другиот повик од „Оче наш“: Да дојде Царството Твое! Тоа е како да кажеме: Оче потребен си ни, Исус потребен си ни. Потребно ни си насекаде и засекогаш да бидеш Господ меѓу нас! Да дојде Царството Твое, Ти биди меѓу нас.

Понекогаш се прашуваме зошто тоа Царство се остварува толку споро – рече Светиот Отец и рече: Исус за својата победа сака да зборува со јазикот на параболата. На пример вели дека Царството Божјо е слично на нива на која заедно растат доброто семе и плевелот. Најлошата грешка би била кога веднаш би делувале кинејќи ги од светот оние кои ни изгледаат како плевел. Бог не е како нас, Тој има трепение. Царството Божјо во светот не се вопоставува со насилство. Неговиот начин на промовирање на Царството е кроткост (Мт 13, 24-30).

Царството Божјо сигурно е една голема сила, најголема која постои, но не според критериумите на светот – рече папата Фрањо и напомена: Затоа изгледа дека никогаш нема потполна големина. Тоа е како квасец кој замешан во брашното, наизглед исчезнува, но токму тоа дава да скисне тестото (Мт 13,33) Или Царството Божјо е како синапово зрно, толку мало, речиси невидливо, но во себе носи експлозивна сила на природата и кога ќе нарасне станува најголемо од сите стебла во градината (Мт 13, 31-32).

Во таа „судбина“ на Царството Божјо може да се насети неволјата на Исусовиот живот – рече Папата и продолжи: Тој за сите свои современици бил слаб знак, настан речиси непознат за официјалните историчари во тоа време. Самиот себе се нарекол зрно жито кое умира во земјата и само така може да даде многу плод (Ив 12, 24). Симболот на семето зборува многу. Еден ден селанецот го фрла на земјата, а тоа е гест кој изгледа како закопување; спие ли тоа или бдее ноќе и дење, семето ‘рти и расте, самиот не знае како (Мк 4, 27). Семето кое изникнува повеќе е Божјо дело отколку на човекот кој го посеал (Мк 4, 27). Бог секогаш ни претходи и нè изненадува. Благодарение на Него, после ноќта на Велики петок доаѓа зората на воскресението која може со надеж да го осветли целиот свет.

Да дојде Царството Твое! Да го сееме тој збор среде нашите гревови и грешки – рече Светиот Отец и поттикна, да го даруваме на луѓето кои се поразени и скршени во животот, на оние кои вкусиле повеќе омраза отколку љубов; на оние кои искусиле бескорисни денови, а никогаш не разбрале зошто. Да го даруваме на оние кои се бореле за правда; на сите маченици во историјата; на оние кои дошле до заклучок дека залудно се бореле и дека во овој свет секогаш владее злото. Тогаш ќе слушнеме како молитвата „Оче наш“ ни одговара. Ќе ги повтори стотина пати зборовите на надеж, истите кои Светиот Дух ги запечатил во целото Свето Писмо: Да, наскоро доаѓам! Тоа е Господовиот одговор. Црквата Господова моли: Дојди, Господи Исус! Да дојде Царството Твое! Исус одговара: Доаѓам брзо! И навистина Исус доаѓа на свој начин, но секој ден – заврши папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот