На Бадник, 24 декември, папата Фрањо ја предовдеше божиќната Литургија во базиликата Свети Петар во концелебрација на кардинали и епископи од Римската курија
На седмата полноќна божиќна Миса од неговиот понтификат се собраа католици од сите делови на светот како и членови на дипломатскиот кор. Илјадници верници светата Литургија ја следеа на ватиканскиот плоштад преку големи екрани. По свечената влезна процесија, Папата традиционално го откри и ја целиваше статуата на Детето Исус пред олтарот. Во проповедта ги повика верниците да имаат доверба во Љубовта Божја.
Бог безусловно ги сака сите луѓето, „па и оние најлошите“. Најдобриот начин да се промениш самиот себе, Црквата и историјата е да го прифатиш тој дар, и како и Исус себе да се предадеш за дар на другите, порача Папата. Бог луѓето ги сака „во добро и во зло, во здравје и во болест, во среќа и во тага.“ Додека изгледа дека сè во светот се води по логиката дади – ти давам, Бог на луѓето им се дава бесплатно. За Неговата љубов не може да се преговара, ништо не сме направиле за да ја заслужиме и никогаш нема да можеме да ја исплатиме, порача Папата.
„Колку често мислиме дека Бог е добар, кога ние сме добри, и дека нè казнува кога сме лоши. Но, не е така, Он продолжува да нè љуби и кога грешиме; Неговата љубов е постојана, не замерува, таа е верна и трпелива,“ предупреди Папата. На Божиќ нежното светло Божјо ја растерало темнината на човечката горделивост. Пред огромната Божја нежност немаме оправдување за да не дозволиме да нè љуби. Што во животот ќе тргне на лошо, што не функционира во Црквата, што во светот не е во ред – повеќе не може да биде оправдување, предупреди Папата.
Кој Љубовта Божја ќе ја прими во Исус и самиот себе се направи дар, дава смисла на животот. „Тој е најдобриот начин на менување на светот – ние се променуваме себе, Црквата се менува себе, историјата се менува кога ќе започнеме повеќе да не сакаме другите да ги промениме, туку себе самите, така што својот живот да го направиме дар, порача Светиот Отец.
Молитвите на верниците беа на арапски, француски, кинески, португалски и свахили јазик. На крајот од светата Литургија, Папата во процесија ја пренесе статуата на Детето Исус до јаслите поставени во базликата, во придружба на 12 деца од целиот свет кој носеа цвеќе. Откако статуата на Детето Исус е поставена во јаслите, Светиот Отец пред него се задржа во молитва.
На самиот Божиќ, Папата напладне од централниот балкон на базиликата ќе ја упати божиќната порака Urbi et Orbi – Градот и светот и ќе даде апостолски благослов. На празникот свети Стефан Првомаченик, на 26 декември, Папата од прозорецот на Апостолската палата напладне ќе ја предводи молитвата Ангел Господов, како и во неделата на 29 декември, на празникот на Светото Назаретско семејство. На Силвестрово, 31 декември, Папата во 17 часот во ватиканската базилика ќе ја предводи Вечерната за празникот на Блажена Дева Марија Богородица. По Литургијата ќе следува традиционалниот „Тебе Боже Те фалиме“ како благодарност и завршеток на граѓанската година и евхаристиски благослов и посета на јаслите на плоштадот Свети Петар.
Ватикан њуз/к.мк