Сто години по епископското ракополагање на Еугенио Пачели, новите проучувачања и сведоштва ја осветлија улогата на папата Пио XII, во заштита на римските Евреи во текот на нацистичката окупација.
За неговата улога се зборуваше на 2 март 2017 година на научниот собир „Пио XII: Доаѓа крајот на црната легенда,“ во организација на Одборот папа Пачели во Рим.
Се проценува дека папата Пио XII и Црквата директно или индиректно во текот на нацистичката окупација помогнале на две третини од десетте илјади римски Евреи. Повеќе од 4 илјади биле прифатени во 235 манастири во главниот град, а 160 луѓе во Ватикан и во ватиканските згради надвор од Ватикан, додека хуманитарната организација за поддршка на бегалците (Delasem), која тајно ја финансирала Црквата, заштитила 1.600 Евреи. На денот на трагичното апсење во центарот на Рим, попладнето на 16 октомври, кога биле однесени 1.600 луѓе, по одлучното ангажирање на папата Пачели се ослободени 245 Евреи.
Папата пред тоа им помогнал на околу 600 Евреи да ги напуштат своите куќи, а пред ослободувањето од нацистичката окупација вршен е голем притисок на германската амбасада и директно на началникот на Гестапо во Рим, Каплер да ги ослободи затворените Евреи – објасни авторот на студијата, ѓакон Доменико Оверстеинс. Пио XII пред 16 октомври им помагал на Евреите во 48 манастири; барал нивно ослободување, а потоа отворал други манастири за нивно прифаќање. Тој 198 пати интервенирал за да се ослободат или да се пружи поддршка на затворените и однесените Евреи; 60 биле ослободени – рече Доменико Оверстеинс.
Овие податоци кои постојано се дополнуваат, постепено ја разградуваат „црната легенда“ за папата Пачели. Уште пред неговата смрт, во 1958 година, советската пропаганда ја прошири идејата за „молчливиот“ Папа, ако не и попустливиот кон Хитлер, и покрај неговите осуди на нацизмот и апелите за мир.
Папата Пио XII ја водеше Црквата во многу сложен период, а во голема мера придонесе за меѓународниот мир. Ја водеше Црквата кон модерниот период. Неговиот лик е многу различен од оној кој црната легенда сакаше да го прошири – рече надбискупот Мамберти претседател на Врховниот суд на Апостолската сигнатура.
Во тек е процес за беатификација на папата Пио XII. Го покрена папата Павле VI во текот на Вториот ватикански собор. Папата Бенедикт XVI ги призна неговите херојски крепости. Призната му е херојска крепост, па тој е чесен. Тоа што му недостасува за прогласување на блажен е чудо. Затоа мора да се молиме. Еугенио Пачели е многу впечатлив не само како Папа, туку и како личност кој длабоко ја живеел љубовта кон ближниот и кон Бог – изјави исусовецот Антон Витвер, постулатор на процесот.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк