Пастирот во тешките моменти кога ѓаволот навалува, кога го обвинуваат преку многу моќни луѓе трпи, го дарува својот живот и се моли. Исус молел.
Она што на Исус како пастир му го давал авторитетот била неговата понизност, близината до луѓето и сочувството кое се изразувало во смиреноста и нежноста. Кога работите оделе лошо како на Голгота, Исус молчел и молел – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во домот Света Марта, на 19 септември 2018 година во Ватикан, предлагајќи го Исуса како слика и пример за пастирите кои имаат власт, која ја примиле како милост од Светиот Дух и која ја добиле бидејќи бил близу до народот, а не до групите моќници и идеолози.
Проповедта Папата ја започна коментирајќи го делот од Евангелието според Лука кој зборува за чудесното воскреснување на синот единец на мајката вдовица и нагласи дека Исус има авторитет, пред луѓето, не заради науката која ја проповедал, туку затоа што бил „кроток и понизен по срце.“ Не викал, не зборувал „јас сум Месијата“ или „јас сум пророк“, не разгласувал на сите страни кога некој ќе оздравел, кога им проповедал на луѓето или кога ќе направел некое чудо како што е умножувањето на лебовите. Бил понизен, ги правел работите и бил блиску до луѓето.
Книжниците и фарисеите поучувале од високо и се оддалечувале од луѓето – рече Светиот Отец и продолжи: Не се интересирале за луѓето или се интересирале за нив само за да им даваат заповеди кои ги умножиле повеќе од 300. Но, не биле близу до народот. Исус пак кога не бил со народот бил со Отецот за да моли. Поголемиот дел од времето на својот јавен живот го поминувал на пат со луѓето. Таа близина и понизност му го дале на Исус авторитетот и го довеле близу до луѓето. Ги допира луѓето, ги прегрнува, ги гледа во очи и ги слуша. Им бил близу и таа близина му го дала авторитетот.
Светиот Лука во денешното евангелие го нагласува „големото сожалување“ кое го обзело Исус, гледајќи ја мајката вдовица и мртвиот ѝ син – рече папата Фрањо. Имал способност за страдање со другите. Не бил теоретичар. Може да се каже дека мислел со срцето и не ја тргнувал главата од срцето.
Исусовата смиреност и нежност зборуваат за неговото сочувствување – рече Папата и ги цитираше Исусовите зборови: Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце“ (Матеј 11, 29). Бил смирен, не викал. Не ги казнувал луѓето. Секогаш постапувал смирено. Дали Исус се лутел? Да! Да се присетиме на моментот кога го видел домот на својот Отец кој го претвориле во пазар и менувачница на пари; се налутил, го земал камшикот и сѐ растерал. Затоа што го љубел Отецот, затоа шт бил понизен пред Отецот, ја имал таа сила.
Исус бил нежен, не рекол: „Не плачи, жено“, стоејќи далеку од неа – рече Светиот Отец и толкуваше: Не, ѝ приоѓа, можеби ја допира, можеби ја помилувал и ѝ рекол: „Не плачи.“ Тоа е Исус. Тој тоа истото го прави и со нас затоа што ни е близок, затоа што е меѓу луѓето, Тој е пастир. Вториот гест, нежноста ја покажал земајќи го момчето и враќајќи го на неговата мајка. Едноставно понизно и смирено срце, блиску до луѓето, способен да се сочувствува, смирен и нежен, тоа е Исус. А тоа што го направилона момчето и на мајката вдовица го прави и на сите нас кога ќе ни се приближи.
Тоа е сликата за пастир – истакна папата Фрањо и напомена: Од тоа мораме да учиме ние пастирите; да се биде близу до луѓето, не до групата моќници и идеолози. Тие ни ја трујат душата, не ни прават добро. Пастирот мора да ја има моќта и власта која ја имал Исус, а тоа значи да има понизност, нежност, близина и способност за сочувствување.
Кога работите на Исус тргнале на лошо, што направил? – праша Папата и одговори: Кога луѓето го навредувале, на Велики Петок и викале: „распни го“, молчел затоа што се сочувствувал со тие луѓе кои ги измамиле моќниците, кои имале пари и власт. Молчел и се молел. Пастирот во тешките моменти кога ѓаволот навалува, кога го обвинуваат преку многу моќни луѓе трпи, го дарува својот живот и се моли. Исус молел. Молитвата го одведува на крст, одел храбро, и таму имал сила да се приближи и да ја оздрави душата на разбојникот. Денес повторно го читаме тој дел од Евангелието според Лука за да видиме каде е Исусовиот авторитет и да молиме нашите пастири да го имаат тој авторитет кој е милост дарувана од Светиот Дух – заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк