Папата: Оче наш е камен темелник на нашите молитви

Молејќи ја „Оче наш“ го чувствуваме неговиот поглед на нас – рече папата Фрањо на светата Литургија на 16 јуни 2016 година во домот Света Марта. Светиот Отец истакна дека за христијаните молитвите не се „магични зборови“ и потсети дека „Отец“ е збор кој Исус секогаш го изговарал во силните моменти од неговиот живот.

Не говорете многу како незнабошците, не мислете дека молитвите се „магични зборови“ – е поуката од денешниот евангелски дел во кој Исус ги учи учениците на молитвата Оче наш. Затоа Папата ја истакна важноста на зборот „Оче“ во христијанскиот живот. Отецот знае што ни е потребно и пред да го замолиме. Отецот нè слуша во сокриеност, потајно како што Исус ни советува да молиме – рече Папата.

Отецот ни го дава идентитетот на деца . Кога велам „Отец“ доаѓам до коренот на својот идентитет: христијанскиот идентитет и дете Божјо и тоа благодарение на Светиот Дух. Никој не може да каже „Оче“ без милостите на Духот. „Отецот“ е збор кој Исус го користи во најсилните моменти: кога бил исполнет со радост, со чувства: Ти благодарам Оче затоа што си се објавил на малите или пак плачејќи пред гробот на својот пријател Лазар: ти благодарам Оче што ме услиша, а исто така во последните моменти од животот Исус го повикува Отецот – потсети папата Фрањо.

Во силните моменти Исус разговара со Отецот. Тој е патот на молитвата и простор за молитва. Без чувството дека сме деца, без кажување „оче“ – предупреди – нашата молитва е „поганска“ молитва само на „зборови“. Можеме сигурно да се молиме на Пресвета Богородица, на ангелите и светците но „камен темелник на молитвата е Отецот“ – објасни Папата. Ако не можеме да ја започнеме молитвата од тие зборови тогаш нема да можеме добро да молиме.

Зборот „Отец“ не е кажување на многу зборови како поганска молитва, туку повик на „оној кој ми го подарил идентитетот на дете“. Тоа е простор на христијанската молитва – Оче – а потоа ги молиме светците, анегелите, правиме процесии, ходочастие… Сето тоа е прекрасно, но секогаш започнува со „Оче“ и свеста дека сме деца и дека имаме Отец кој нè сака и ги познава сите наши потреби“ – рече Папата.

Се осврна на делот од Оче наш во кој се зборува за простување на должниците како што Бог ни простува. Ако зборот „Оче“ е простор на молитвата тогаш „атмосфера“ на молитвата е зборот „наш“ – браќа сме, семејство сме. Потсети на Каин кој го мразел детето на Отецот својот брат. Отецот – продолжи – ни дава идентитет на семејство. Заради тоа е толку важна способноста за простување, заборавање на навредите, не замерување.

Молејќи го Отецот, простувајќи на сите е најдобрата можна молитва – рече папата Фрањо поттикнувајќи на испит на совеста: Го доживувам ли Бог како Отец? Ако не треба да го молам Светиот Дух да ме поучи така да го доживувам. Потоа, дали знам да ги заборавам делата, да простувам? Ако не треба да го молам Отецот зборувајќи: „И овие се твои деца, ми направија лоша работа. Помогни ми да им простам.“ Да го направиме тој испит на совеста. „Оче“ и „наш“: тоа ни дава идентитет на деца и нè прави семејство за да одиме заедно напред во животот.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот