Папата оддаде почит за храброста на апостолите Петар и Павле

Денес Црквата има потреба од учители на верата, молитвата и христијанско сведоштво“.Со овие зборови папата Фрањо им ги положи светите палиуми на рамениците на 46 нови архиепископи митрополити од целиот свет, избрани во последните 12 месеци.

По традиција, обредот беше извршен на литургијата на празникот на Светите Апостоли Петар и Павле, која се служеше на 29 јуни во ватиканската базилика Свети Петар.

На Литургијата присуствуваше и делегација од Вселенската патријаршија, предводена од митрополитот Јован Зизулас, претставник на Патријархот Вартоломеј и копретседател на Мешовитата меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката и Православната Црква, придружуван од митрополитот на Силиврија, Максим и од преподобниот отец Хеики Хутунен од Финската Православна Црква. По литургијата, Папата и митрополитот Зизулас се помолија пред гробот на Свети Петар, кој се наоѓа под централниот олтар на базиликата.

Толкувајќи го литургискиот текст за денот, кој претставува една „прогонувана Црква и затвореникот во затворот, Петар, кој е ослободен од ангелот“ (Дела 12,1-11), Папата рече: „Не сакам да се задржам на суровите, нехумани и необјасливипрогонства кои за жал сеуште се присутни во многу делови на светот и многу често пред очите и молчливоста на сите, тукуби сакал сепак, да им оддадам почит на апостолите и првата христијанска заедница: за нивната храброст да го продолжат Евангелското дело, без страв од смртта и мачеништвото, во општествениот контекст на една паганска империја“.

„Заедницата на Петар и Павле нè учи дека една Црква која моли цврсто стои на своите нозе и оди напред! Еден христијанин што моли е заштитен и поддржан, но пред сè тој не е сам“.

Да размислиме колку пати Господ ја исполнил нашата молитва, испраќајќи ни го својот Ангел? Оној Ангел, кој неочекувано ни приоѓа на помош, за да нè избави од тешки ситуации. За да нè истисне од рацете на смртта и злото; за да ни го покаже вистинскиот пат; за да го запали повторно пламенот на надежта; за да ни подари нежност; за да го утеши нашето скршено срце; за да нѐ разбуди од својот животен сон или само да ни каже: „Не си сам“.

Се поминува, само Бог останува. Преминуваат царства, народи, култури, нации, идеологии, моќни сили, но Црквата, основана од Христос, и покрај бројните бури и наши гревови, останува верна на пренесената вера преку служењето, бидејќи Црквата не се папите, епископите, свештениците дури и верниците, туку е само и единствено Христос.

На крајот Папата ја истакна силата на христијанското сведоштво: „Без сведоштво, една Црква или еден христијанин се стерилни: како еден мртовец, кој се смета за жив; како исечено дрво, што не дава плод; како пресушен бунар, кој не дава вода! Црквата го победи злото благодарение на храброто, конкретно и смирено сведоштво на своите чеда“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот