Имајте доверба во Божјата провидоносна грижа, но притоа правете сѐ што е во ваша моќ за да одговорите на предизвиците кои ви наидуваат на патот – со тие зборови папата Фрањо ги охрабри верниците на Генералната аудиенција на 25 јануари 2017 година во салата Павле VI.
Светиот Отец продолжи со серијата катехези за христијанската надеж: се присети на примерот на храбрата Јудита која за време на асирската опсада на градот Ветилуја, му помогнала на народот да ја врати довербата и надежта во Бог, предложувајќи на крајот план кој доведува до победа над непријателот.
Папата потсети дека жителите на Ветилуја биле очајни затоа што пред вратите им бил генералот Олоферн со војската. Нивните зборови до градските старешини биле очајни: „Ние сега помошник немаме; Бог нѐ предаде на нивните раце за да загинеме од жед и голема мака. Повикајте ги сега и предајте им го нашиот град на Олоферна и на сета војска негова: нека го разграбат целиот град.“ (Јудита 7, 25-26) Нивната доверба во Бог е исцрпена, дошле до своите граници. „Колку често ние сме почувствувале колебање на нашата доверба и надеж во Бог?“ – праша Папата.
Водачот на градот се обидува на сограѓаните да им ја врати надежта: ги повикува да издржат уште пет дена во исчекувањето на Божјата спасителна интервенција. Но, блед е тој негов обид за охрабрување: „Ако изминат овие пет денови, а помош никаква не ни дојде, ќе направиме како што велите.“ (Јудита 7, 31) Немаат доверба, го исчекуваат најлошото. Всушност, меѓу народот нема никој кој сѐ уште може да се надева. Биле очајни – рече Светиот Отец и продолжи:
Во таква ситуација на сцена стапува Јудита. Вдовица, жена со исклучителна убавина и мудрост, на народот му зборува со јазикот на верата: „Ете, вие го испрашувате Господа Седржителот. (…) Не, браќа, не прогневувајте Го Господа, нашиот Бог. Зашто, ако не сака да ни помогне во тие пет дена, Он има власт и сила да нѐ заштити или уништи, пред очите на нашите непријатели, во деновите кога Он ќе посака. (…) Затоа, чекајќи од Него спасение, да Го повикаме на помош; Он ќе го чуе и ќе го послуша нашиот глас, ако тоа што го бараме Му биде угодно Нему.“ (Јудита 8, 13а. 14. 16.17)
Примерот на оваа жена со голема мудрост и храброст – рече папата Фрањо – нѐ учи да се доверуваме на Господовата провидоносна грижа, но исто така нѐ поучува да ја расудуваме неговата волја во молитвата и послушноста и да правиме сѐ што е во наша моќ за да одговориме на предизвиците на кои наидуваме. Верата на Јудита – продолжи – нѐ вдахнува со доверба и послушност да се предадеме на нашиот Отец, додавајќи дека тој смета дека жените се похрабри од мажите.
„Драги браќа и сестри, никогаш немојте да ги наметнувате своите услови на Бог, туку дозволете христијанската надеж да го победи вашиот страв. Да се има доверба во Бог значи безусловно да се биде дел од неговиот план, прифаќајќи го фактот дека ни го дава своето спасение и својата помош на начин кој е поинаков од оној што го очекуваме“, рече Папата.
Бог – продолжи Светиот Отец – точно знае што ни е потребно и треба да се довериме на Него затоа што неговите патишта и дела се поинакви од нашите. Јудита, жена полна со вера и храброст, му дала сила на својот народ кој бил во смртна опасност и ги спроведува по патот на довербата. И ние – рече – мораме да обратиме внимание на мудрите и храбрите зборови на понизните жени:
„Мудрите зборови на бабите кои често знаат што да кажат и да нѐ охрабрат затоа што имаат животно искуство; тие трпеле, се доверувале на Бог и Господ им го дава овој дар да можат да ни покажат како да продолжиме да веруваме и да се доверуваме,“ рече Папата, завршувајќи ја катехезата со следните зборови: „Да се препорачаме на Отецот со истата таа послушност која во Гетсеманската градина на Исуса го поттикнала да моли: Не како што Јас сакам, туку како што Ти сакаш.“
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк